Петар Поп – Арсов
„Оној кој што го контролира минатото, ја контролира иднината! Оној кој што ја контролира сегашноста, го контролира минатото!“, рекол Орвел. Ако направиме инверзија на редоследот на речениците во оваа мисла, доаѓаме до бруталната вистина вткаена во нејзината мудрост. Во превод, „Оној кој што ја контролира сегашноста, контролира сè!“. Го контролира и минатото, и иднината, и сегашноста! Контролира сè што постои, и пред и после тоа! Ако воопшто постои и ако воопшто може така да се каже?! Но, нека се каже! Нека се каже за да се бетонира реалноста на функционирањето на нашава денешна цивилизација во време кога сме сведоци и современици на нејзината разорна деструктивност.
Борбата за историјата е борба за реалниот живот. Или барем за онаа реалност од сегашноста, димензионирана според матрицата за поимањето на нашето минатото. Онака како што ја доживуваме и ја сметаме за вистинита. Не случајна е борбата за бришење на македонската историја преку политички инженеринг, разни договори, преговори и историски комисии. Не случајни се сите напори за создавање на нова матрица на нашето минато со цел димензионирање на нашата иднина. Димензионирање, исклучиво според желбите и интересите на хакерите на македонскиот идентитет. Најважно од сè е да те убедат дека не постоиш, исто онака како што во една од репликите на филмот Матрикс се вели „Најголемиот трик што ѓаволот некогаш го направил е тоа што го убедил светот дека не постои!“.
Се бориме да опстоиме во нашата увереност дека постоиме. Се бориме со противници кои надираат од сите страни. Знајни и незнајни. Со противници од надвор. Со противници околу нас и меѓу нас. Ги знаеме како наши. Ги примаме во нашите градови, улици, домови. Гласаме за нив. Сме им ја довериле државата да ја управуваат и водат. Сме им ја довериле контролата на нашата сегашност и сите можни импликации кои што произлегува од сето тоа врз поимањето на нашето минато и ефектите врз нашата иднина. Одговорноста е наша!
Архивите!
Доаѓаме и до она, за кое што до сега не успеав да забележам дека некој го отворил како тема и не се обидел го сврти вниманието кон ова прашање. Архивите на македонските електронски медиуми! Пред сè, архивите на електронските изданија на македонските весници и портали. Архивите на сè она што беше продуцирано и напишано во ерата на постепеното замирање на хартиениот формат и преминот кон речиси целосно доминантниот електронски формат на пласирање на вести и информации.
Ако направиме мало истражување по македонскиот медиумски простор ќе забележиме дека најстарите информации или објавени текстови во оригинална форма, во најголем број од постоечките македонски портали, не е постара од три или четири години, односно не подалеку од 2017 година. Постои занемарлив број на медиуми, особено од оние со најголема традиција и релевантност во минатото, во кои можат да се најдат преписи на текстови од 2004 или 2005 година па навака, но не во оригиналната форма и графика како што биле објавени. Може да се најдат и преписи на многу мал дел текстови во поедини агрегати на вести, но тоа далеку од онаа оригинална форма објавена во конкретниот медиум. Текстови без потписот и името на авторот или само со неговите иницијали и не се некои текстови! Сепак, имајќи ја во предвид состојбата во останатиот дел од овој медиумски простор, може да се каже дека тоа е единствената светла точка на архивите на македонските интернет информативен свет.
Дневник, Утрински Весник, Вест, Време и уште некои, оние кои беа најчитани медиуми на своето време, во кои се запишуваше македонската видлива историја на дневна основа, веќе не постојат. Речиси и да нема никаква трага од нивното постоење во виртуелниот свет. Не може да се најде речиси ништо кое што на некои идни истражувачи и историчари ќе им ја олесни работата и ќе ги насочи во кој правец да се движат во својата истражувачка работа. За нас, останатите, кои сакаме да копнеме малку под површината на сагашноста, воопшто и не станува збор дека можеме да дојдеме до она што веќе сме го поминале, доживеале и истото прочитале.
Да ја земеме за пример МИА, Македонската информативна агенција или по ново Медиумската информативна агенција. Нека ми извини медиумот што нив ги земам за пример, но тие се акционерско друштво во државна сопственост или што би рекле, државен медиум кој функционира на интернет. Речиси е невозможно да се пристапи до архивата на МИА и да се дојде до текстови објавени во минатото. Пребарувањето е ограничено само на текстови објавени најдалеку некаде во 2018 година. И толку! Се обидов од повеќе уреди и замолив неколку пријатели да ја отворат страницата на нивната архива. Насекаде исто, „Безбедносна грешка. Има проблем со безбедносниот сертификат за оваа веб-страница.“, “Your connection is not private!”. Се влегува само со прифаќање на безбедносен ризик. И така веќе со месеци наназад, можеби и години. Дали се нападнати од хакери, дали се неажурни, ги мрзи ли да си ја средат архивата или тоа свесно го прават, незнам, не сум стручен. Но факт е дека таму не може ништо да се најде, исто онака како што и кај огромното мнозинство на останатите приватни портали наидуваме само на “error, “page not found”, “404”, за оние вести со постар датум. Впрочем фејбукот ни е сведок и потврда на кажаново. Се што сме објавиле и споделиле како линк и како вест од македонските портали на нашите лични профили во минатото, веќе е невозможно да се отвори.
Нема ништо за конфликтот од 2001, за Рамковниот договор. Нема ништо за протагонистите во таа епизода од македонската историја. Нема ништо за загинувањето на Борис Трајковски или подоцна Тоше Проески. Нема ништо ниту за убавите епизоди, за успесите на ракометарите и кошаркарите кои го кренаа чувството на гордост и љубов кон сопствената земја на максимум. Ништо од тоа и од многу други убави и помалку убави моменти, веќе не постои. Барем не е јавно достапно. А кога нештата не се е јавно достапни, тогаш „моќта на ѓаволот да не убеди дека сето тоа никогаш и не постоело“, се мултиплицира. Се мултиплицира силата на контролорите на сегашноста во нивниот поход за ретуширање на минатото, дури и на она нашето, она на кое што се сеќаваме. Се мултиплицира нивниот незаситен апетит и намера да ни ја скројат иднината. Ќе се обидат дури и да не убедат дека не постоиме!
Каква е состојбата во соседството и светот во однос на ова прашање?
Различно! Некаде подобро, некаде слично како кај нас! Полошо нема! Оној што го интересира нека направи компаративна анализа! Но, факт е дека оние соседи кои постојано играат на картата на „историските вистини“, стојат далеку подобро на ова поле во споредба со нас. Самото ова укажува на фактот дека информациите и знаењето, кои што како „алатка и оружје“ ќе го поседуваат нашите идни генерации за одбрана на сопствениот идентитет, ќе биде на ниво на алатките и оружјата од времето кога се пишувало на камен. Иронијата да биде поголема, за тие што пишувале на камен, гледано низ призма на времето, ние денешниве знаеме нешто. За нас, како тргнало, нема да се знае ништо.
Тука се поставува дополнително прашање. Дали е случајна поврзаноста на бришењето на современите архиви и пристапот на поширокиот аудиториум до информациите од времето во кое живееме, со укинувањето на историјата како предмет за изучување во македонскиот образовен систем, како и тековните преговори за историски прашања на ниво на стручни комисии? Веројатно не е тешко да се заклучи дека одговорот е НЕ! Нема случајна поврзаност!
Секако дека не е случајно што речиси сè што можеме да најдеме во македонските интернет портали, речиси по правило датира само од времето на владеењето на оваа политичка гарнитура. Се останато е сведено на минимум или е потребно макотрпно пребарување за да се ископа некоја вест, небаре бараме записи на камени плочи во археолошки локалитети на древните цивилизации и култури.
Ограничувањето на пристапот кон вестите со постар датум е вид на цензура. Дефинитивно е цензура! Оној кој што го цензурира нашето минатото, ја цензурира и нашата иднината, независно што во сегашноста глуми поддржувач на слободата на изразување, слободата на искажаниот и пишан збор. Пристапот до информации е есенцијална потреба на секоја индивидуа во денешно време. Секое ограничување претставува поистоветување со темното доба од историјата, онаа историја, кога по плоштадите јавно се палеле купишта книги.
Ексклузивната можност за пристап до ваквите извори на информации само на оние избраните, ги прави токму нив најголеми слуги и алатка во рацете на контролорите на сегашноста. Дали тоа се директори, уредници на медиуми или историчари кои по професионални канали имаат пристап до информациите од нашето заедничко минато, воопшто не е важно. Важно е тоа што тие, како такви, стануваат лесен плен за предаторите од власта, контролорите на нашата сегашност, токму во моментите кога некој од нив ќе посака да се држи до своите професионалните принципи етиката и вистината. „Мил ми е Платон, но помила ми е вистината!“, веќе е излитена фраза која не соодветствува со нашето време. „Мила ми е вистината, но помил ми е Зоки!“, е вистинската формула за опстанок и преживување кај оваа стручна фела во денешно време.
Воопшто не треба да зачудуваат ниту пак се случајни необјаснетите и необјаснивите оставки од македонско-бугарската комисија за преговори. Кога ќе ги склопиме коцките, станува јасно зошто е максимално ограничен пристапот до информации и вести од нашето поблиско минато. А како капак на сè, јасно е и зошто се најавуваат реформи во образованието.
Образованието како поим и како процес на едукација, особено изучувањето на историјата како негов составен дел, не е реализирање на некаков си проект на некоја си НВО, онаму од кај што доаѓа почитуваната министерка. Образованието не функционира по принципот „дај нешто да сработиме, да направиме некоја фотографија од настан, да прикажеме пред јавноста и пред донаторот дека сме го заокружиле проектот, па да се насочиме кон апликација за нови проекти и парички“. За ефектите во иднина или за некаков си follow-up, баш ни е гајле. „Мила ми е историјата, но поМила ми е Царовска“, не може и не смее да стане принципот по кој ќе функционираат учителите на македонската младина.
Сето ова заедно, ставено во заеднички контекст и меѓусебна поврзаност на политиката, историјата и неможноста да се дојде до информации кои ќе не потсетат или дополнително ќе ги зголемат нашите знаења, ја составува и сочинува големата слика. Слика во која самите можеме да се видиме и препознаеме. Да препознаеме какви сме, што правиме и каков е нашиот придонес во овој историски момент. Како ќе бидеме насликани, со какви бои и како нашите идни генерации ќе гледаат на нас, исклучително зависи од тоа дали самите ќе бидеме контролори на нашата сегашност, минато и иднина или истото ќе го оставиме во рацете на ѓаволот за да не убеди дека не постоиме!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.