Петар Поп-Арсов
Многу е тешко во овој период да се одбере тема за која ќе се пишува. Да се пишува, а да не е поврзана со моментално најжешките теми, корона вирусот и изборите во Македонија. Сериозноста на овие две теми не смее целосно да го преокупира нашето внимание и да ги пропуштиме останатите збиднувања, кои во секој случај, порано или подоцна ќе имаат импакт врз нашата земја, особено ако се работи за теми од соседството и прашања кои, вака или онака, се поврзани со нас. Се работи за Косово, поточно за Србија и Косово и нивниот отворен проблем кој трае веќе со децении.
Дејвид Перду, американски сенатор од редовите на републиканците, го повика Косово да ги укине царинските давачки за српските производи и услуги доколку во спротивност не сака да се соочи со повлекување на американските трупи. Потсетувајќи на дведецениското присуство на американските воени структури, во функција на оддржување на мирот меѓу Србија и Косово, го повика Косово целосно да се посвети на мирот и да не го попречува историскиот напредок кој што е на повидок.
Следеше експресна поддршка од Доналд Трамп Јуниор, постариот син на американскиот претстедател, кој со уште поголема експлицитност порача дека е време американските војници да се вратат дома.
Да, дома, во Америка!
Ова претставува прва порака од ваков тип! Порака која доаѓа од Соединетите Американски Држави, досега не забележана во текот на целокупното траење на овој конфликт. Факт е дека пораката е испратена неформално, преку Tweeter. Не лично од Трамп, туку преку неговиот син Доналд. Но, Трамп е Трамп, а Доналд е Доналд, па кој како сака нека ја толкува.
Можеби некој ќе рече дека е блеф, пробен балон или можеби тест за косовските власти, но сите т.н. „блефови, тестови и пробни балони“ на Трамп имаа своја реална завршница. Да се потсетиме само на ѕидот кон Мексико, признавањето на Ерусалим за главен град на Израел, или пак најавите за повлекување од Сирија и Афганистан. Сите овие „проекти“ на почетокот беа доживувани како гол популизам и ветувања во функција на претседателските избори или други политички потреби. Како ќе испадне овој пат, ќе видиме?!
Ваквите апели кон Косово не се од вчера. Пораките од Перду и Трамп Јуниор не се првите од ваков тип. Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија и амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, веќе подолг период укажува на потребата Косово да ги укине наметнатите давачки кон српските производи, а истовремено Србија да ја запре кампањата за повлекување на признавањето на Косово од поедини земји. Амбасадорот Гренел подолг период укажува на потребата од дијалог и мирно решавање на спорот, особено решавање на неговата политичка димензија, додека Вашингтон ќе биде фокусиран на економската. Како доказ на американската сериозност говори податокот дека од завчера стапија на сила економските санкции на САД кон Косово, кои што веќе неколку недели беа најавувани.
Пораката на Трамп Јуниор, нас во Македонија, не затече сосема неподготвени во момент на целосна преокупираност со корона вирусот, особено во период на неодговорен и индолентен однос на надлежните институции, директори и поединци од власта. Тоа беше порака упатена до „најпроамериканската земја во светот“, Косово. Земја во која, во годината кога Доналд Трамп се вселуваше во Белата Куќа, во Приштина се поставуваше статуа на Бил Клинтон, сопругот на лутата противничка на Трамп, Хилари. Тоа е порака упатена до земјата која има булевари кои што ги носат имињата на поранешните американски претседатели Џорџ Буш помладиот и, повторно, Бил Клинтон. Порака кон земјата која искажува многу симпатии кон најсилните опоненти на Трамп и речиси целосно игнорирање на укажувањата од страна на неговата администрација.
Косовските политичари сеуште живеат во убедувањето дека се единствениот миленик на американската официјална политика, за која и американските сојузници не беа сигурни дали да ја сметаат како утеха или закана по промените во Белата Куќа во 2016 година. Тие сеуште мислат дека во Белата Куќа живее некој кој што е должен да ги штити и поддржува по секоја цена сите испади и детски болести во политиката на најмладата балканска држава.
Затоа американските изборите оваа година ќе имаат многу пошироко значење и влијание, а најмалку од се ќе бидат само американски. Ова особено се однесува на Балканот, пред се на односите меѓу Србија и Косово, а следствено на тоа и на сите нивни соседи, вклучително и Македонија. Од исклучително значење за целиот регион ќе биде тоа кој ќе живее во Белата Куќа во наредниот четиригодишен период. Гледајќи ја несериозноста на косовските власти се извлекува заклучок дека за нив најдобар исход за тоа кој ќе живее во Белата Куќа е оној како во вицот, со мало прилагодување:
„Трамп не живее повеќе тука, тој ја продаде куќата“!
Крајно време е реално да се согледаат работите и да се превземат иницијативи и чекори за конечно решавање на овој спор. Минхенската безбедносна конференција, на која Србија и Косово потпишаа декларација за воспоставување на железничка линија претставува чекор напред. Чекорењето напред треба да се претвори во политички тренд на Балканот, оставајќи му го ексклузивитетот на движењето неколку чекори напред, неколку назад и по некој чекор во место исклучиво на балканскиот фолклор. Потребна е соработка, поврзување, брзи и квалитетни решенија. Поделби и планови за размена на територии ќе ја отворат пандорината кутија и ќе предизвикаат домино ефект во целиот регион. Македонија е првиот сосед на двете земји и воопшто не е тешко да се предвиди какви би биле ефектите врз нашата земја.
Затоа, во интерес на сите е потребно внимателно да се примаат политичките сигнали и соодветно да се постапува со цел да се постигне оптималниот максимум, или максималниот оптимум, се едно, за сопствениот народ и граѓани, кое што нема да го загрози интересот на соседот и останатите земји од регионот. Тоа би била формулата земјите од регионот да тргната напред и да го запрат бранот на тивката миграција која континуирано се случува на целиот Балкан, токму поради политиката на вжештени глави.
Играњето на картата за промени во Белата Куќа можат да бидат исклучително контрапродуктивни, особено за оној кој што Белата Куќа досега ја доживуваше и користеше како џокер кој што го добива во секое делење.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.