Предраг Димитровски
Со што легнува и со што се буди професорот Денко Малески?! Со „Денес над Македонија“ и „Рамазанските вечери на бугарските јакобинци“ на неговиот татко Владо Малески или со „Ас с’м Б’лгарче“? Не знам, он самиот си знае. А, оди ли понекогаш да му запали свеќе на вечното почивалиште на неговиот татко? Не знам, он си знае. Можеби да, човечки и христијански. А, можеби и не, комунистички и атеистички.
Суров е животот. Колку малку треба да си горе, на врвот, а уште помалку да си доле, на дното. Само што некој е убеден дека секогаш треба да биде горе, повеќе заради наследени, отколку лични заслуги. А, некој, нели, природно е да биде предодреден за дното. Па, не може сите да се горе.
Е, нашиот почитуван, угледен и достоинствен професор Денко Малески, првиот министер за надворешни работи во првата експертска влада на самостојна и независна Република Македонија, пак, смета дека природна средина му се височините. Наследени. Од татко му Владо.
Па, затоа може и да се фали со средби и разговори со амбасадори, дипломати, претседатели, државници… Не дека бил способен за тоа. Напротив, дека знаел англиски јазик. Го совладал одлично, а како нема, кога ги користел благодетите на тоа што значи амбасадорско синче. Не е мала работа да се биде амбасадор во Либан, Етиопија, Полска. Исто како што не е мала работа да се биде амбасадор во ООН во Њујорк. Сакаш, нејќеш, сите врати ти се отвораат. Речиси сами.
И тој почитуван, угледен и достоинствен професор ќе си земе слобода да ја продава македонската историја, македонските великани и Македонците како да се обични земјоделски производи за на Зелено пазарче. Со невидена леснотија ќе рече дека Гоце, Мисирков биле Бугари, дека Илинденското востание било „бунт“ на бугарскиот народ, а Македонците и Бугарите да ти биле еден, ист народ.
Ашколсон. Се вивна во ѕвездите и небесните височини. На бугарското небо. Го освои бугарското општествено мислење, медиумите, политичарите… Сега може слободно да чека највисоко државно признание. Орден. Од Борисов или Радев. Се едно. Добро ќе му легне. за почеток на градите.
Ама проблемот доаѓа отпосле. Кога ќе го симне. И ќе треба да му најде место. Во витрините. Заедно со сите награди и признанија, што ги има добиено тато Владо. Или ќе се откаже од нив и ќе ги фрли?! Во Вардар, Охридското Езеро или на буништето на историјата. Зашто, биле македонски, а не бугарски. Или и тие се едно исто?! Та биле македонски, та биле бугарски. Македонски значи бугарски и бугарски значи македонски.
Ако е така, нека се реши за почеток да ги смени податоците на Википедија. За Владо Малески. А, таму меѓу другото пишува: Владо Малески (5 септември 1919-23 септември 1984)-истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна Денес над Македонија. Роден е во Струга. Основно образование завршил во Скадар, Албанија, а гимназија во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнување на Втората светска војна ги прекинал студиите.
Бил учесник во НОБ на Македонија и е еден од најталентираните основоположници на современата македонска проза. Бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Работел во дипломатската служба како амбасадор во Либан, Етиопија и Полска и бил член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Станал член на Друштвото на писатели на Македонија во 1946 година. Исто така, автор е на сценариото за првиот македонски игран филм „Фросина“. Добитник е на наградите „11 Октомври„, „4 Јули’, „АВНОЈ“, за книжевен опус на издавачкото претпријатие „Мисла“ и „Рациновото признание“.
Ова се корените. Директни. Ќе се откаже ли професорот Денко Малески од нив и во името на што?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.