Петар Поп Арсов

Сега е тоа време, постизборно. Терминот на оној неизбежен follow-up кој има за цел да ја нагласи победата или пак да го релативизира поразот. Период кога вообичаено се нижат анализи, аналитичари, експерти, кои во зависност од „кујната“ од која доаѓаат, дотураат повеќе од сопствениот зачин за да го постигнат посакуваниот вкус со кој изборните резултати ќе бидат полесни за голтање од нивните клиенти. Првичните впечатоци полека ја добиваат својата ферментирана форма која единствено таква може безбедно да биде конзумирана без да предизвика стомачни тегоби, повраќање и дијареа кај граѓаните кои минатиот месец ја испорачаа рецептурата за нивната посакувана политичка „исхрана“ во следните четири години на локално ниво.

Само на локално?

По се изгледа дека не испадна така!

Уште не стивнати анализите за изборите за локална власт, се случуваат тектонски потреси во централната. Оставка, ново парламентарно мнозинств, политичка криза или излез од кризата?! Во времето кога се очекуваат преговори, мнозинство, малцинство и поделба на колачот на локално ниво, доаѓа до целосен распад на една централна власт.
Навистина имавме интересни избори. Гледано во целост, севкупно, како процес. Почнувајќи од моментот на нивното одлагање од редовниот пролетен термин, преку кампањата, деновите на гласање, па се до оставката во најава на Заев и неговата екипа. Веќе заборавивме на причините поради кои што изборите беа поместени за шест месеци. Тоа веќе никому не му е важно, освен можеби на губитниците кои сега се прашуваат „што ќе беше ако беше“.Подзаборавивме и на отпорот, на сè уште актуелната власт и негативната кампања која што следеше во однос на идејата за воведување на апарати за отпечаток од прст.

А токму тој, така наречениот fingerprint е првиот и најзаслужниот елемент кој ги превенираше повеќето традиционални недостатоци на македонскиот изборен процес. Fingerprint-от го спречи гласањето за неколку секунди или пак гласање со стопроцентна излезност, обезбедувајќи ја веродостојноста на изборните резултати, кои „за чудо“ не беа оспорени од никого. Fingerprint-от ја оправда сопствената улога и го покажа целиот сјај и беда на македонскиот начин на спроведување на избори, претставувајќи ја Македонија како единствена европска земја, но и единствена НАТО членка чија што демократија зависи од ова „помагало“.

Втор клучен момент кој ја принуди екипата на Заев да заборави на „планот Б“, беше повикот на американската амбасада да не се дозволи активност во изборниот процес на осумдесетина вооружени лица кои од нивна страна беа посочени на самиот изборен ден од првиот круг. Тоа беше исклучително сериозна порака. Порака која ја демистифицираше имагинарноста на онаа „бланко американска поддршка“ која Заев и Оливер се обидуваа да ја прикажат во јавноста како нешто реално, злоупотребувајќи ја до максимум. Тоа беше порака која ги мобилизираше македонските граѓани и институции во непреченото изразување на сопствената волја и вршење на законските надлежности.

Црна кампања, сцени на поткуп, тензични ситуации, вербални расправии на раб на физичка пресметка, вооружени лица и уште некои добро разработени методи на нарушување на изборниот процес беа составен дел од овие избори. Македонија, земјата членка на НАТО, беше под сериозна закана да биде вратена во мрачното минато на транзиционата демократија од средината на деведесетите од минатиот век. Не помогнаа ниту омилените технички прегледи кои се стандардна алатка во рацете на секоја губитничка власт во нејзините очајнички обиди за остварување на подобар резултат.

Резултатот од изборите има двоен ефект.

Првиот е оној за кој и беа организирани, локалниот. Вториот се однесува на централната власт. Власта на Заев. Таа доживеа вистински бродолом. Оставка во најава уште истата вечер, која никако да добие институционална форма цела недела по најавата. Дали навистина ќе си оди или ова е само блеф во рамки на едно пошироко сценарио чии што интереси ги надминуваат локалните и државните граници, ќе видиме во наредните десетина дена. Во секој случај, поразениот Заев е политичар без перспектива. Тој дефинитивно ја загуби довербата од сопствените поддржувачи, традиционалните гласачи на СДСМ. Ја загуби довербата од другите етнички заедници, но ја загуби довербата и од меѓународниот фактор. Тој ги загуби сите три компоненти на неговата политичка моќ кои колку и да делуваа вештачки, синтетички или како некој композитен материјал, претставуваа негова сериозна стратешка предност и формула за негово опстојување на власт.

Во отсуство на овие три компоненти на површината испливаа вистинските вредности од неговото владеење. Криминалот, корупцијата, неспособноста, неодговорноста, корупцијата, Филипче, пак корупција, Оливер, самоволие, пасоши, Љупчо, корупција, Мила, ароганција, неспособност, Димитров, датум, датум, датум за датум, Османи, дипломатски шверц, паовторно Филипче, здравство, корупција, коруп… доволно е. Не вреди повеќе да се трошат зборови на нешто што е прочитано од народот и соопштено во форма на изборен резултат.

Прокламираното ново парламентарно мнозинство во овој момент претставува еден вид на гаранција за дефинитивниот пад на Зоран Заев. Ако не поднесе оставка во рамки на законските и институционалните процедури, Заев ќе биде свргнат во рамки на истите тие институционални и законски процедури. Изборот е негов.

Она што во моментов е многу поважно е тоа на кој начин треба да се однесува опозицијата во периодот што следи, пред се ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не дозволи реанимација на она за кое што народот јасно кажа дека треба да замине. Бројот на освоените гласови, градоначалници и мандати во општинските совети целосно одат во прилог на опозицијата. Тој неспорен факт треба да претставува појдовна основа преку која опозиционата коалиција треба да работи на освојување на дополнителна поддршка со цел превземање на одговорноста за раководење со државата. Трите компоненти кои претставуваа стратешка предност на Заев се веќе минато. Минато само како негова предност, но не и како квалитет кој што треба да биде потценет или занемарен. Заев зад себе остава минирана куќа која ќе експлодира при самото отворање на влезната врата во рацете на првиот оној кој што ќе се нафати да ја спаси истата од понатамошно пропаѓање.

Фактот што ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше квалитет и капацитет за мултиетничка кохезија во опозицијскиот блок претставуваше изненадување и шок за политичкиот противник. Но, тоа е изненадување само за оние кои што не ја познаваат вистинската природа на оваа политичка партија и нејзината подготвеност за соработка со сите врз рамноправна основа. Тоа е изненадување за оние кои што загрозувањето на интересите на сопствениот народ го сметаат како единствена компонента за зајакнување на меѓуетничките односи. Тоа е изненадување за сите кои што мултиетничкиот карактер на општеството го злоупотребуваат исклучиво во функција на нивното коруптивно опстојување на власт.

Единственото вистинско и пријатно изнедаување на овие избори беше цврстата определба на гласачите да гласаат за кандидатите предложени од опозиционите партии, независно дали се работи за гласачи и кандидати кои се етнички македонци, албанци, турци, срби, роми итн. Тоа е најголемиот капитал стекнат на овие избори кој претставува сериозен придонес на опозицискиот блок во изградбата на вистинското заедничко општесво.

Ако е точен податокот дека во Тетово до сега воопшто немало Македонци на високи раководни позиции во рамки на локалната самоуправа и јавните претпријатија, тогаш за каква етничка рамноправност и соживот говореа Заев и Ахмети. За какво едно општество за сите станува збор? Фиктивено, фингирано, имагинарно?! Новата тетовска власт е пред сериозен испит и можност за придонес во зацврстувањето на меѓуетничката кохезија.

ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е партија која нема его туку го следи пулсот на народот. Примерот со Кавадарци, Тетово, Гостивар, Карпош, и особено Куманово, беше демонстрација на политичка прагма во функција на интересот на граѓаните. Повикот да се гласа за сите кандидати кои што беа во трка со кандидатите на СДСМ и ДУИ, всушност беше повик за рушење на режимот на Заев и клучниот момент која што доведе до ваквата разврска, оставка од Заев дополнета со формирање на ново парламентарно мнозинство.

Но, тука не смее да заврши започнатата мисија. ВМРО-ДПМНЕ треба да внимава на однесувањето на поедини локални политичари во општинските совети, како во своите редови така и во потесното и поширокото коалиционо опкружувања. Промисленото или непромисленото однесување на политичари поединци, авантуристи и камикази, не смее да биде оставено на политичката стихија која ќе фрли сомнеж и дамка кај меѓународните партнери за непоседување на политички капацитет или пак за неподготвеност да се води државата во вистинската насока, европската. Не случајно беше обраќањето на претседателот на ЕПП, Доналд Туск, кој на македонски јазик ги повикаа македонските граѓани да гласаат и да ја дадат својата поддршка за сестринската партија. Секоја импровизација, изблик на квазипатриотизам, соло изведба за стекнување на лична слава со популистичко манипулативни методи, претставува опасност да ја врати партијата два чекори назад, да ги разбуди од нокаут заспаните мегафони на власта и повторно да му ја сервира на тацна европската торта на Заев. Потребна е исклучителна будност и внимателност во овие моменти затоа што секоја грешка води во правец на сомнеж, преиспитување и резерва кај меѓународната заедница, најпосакуваното нешто за Зоран Заев и неговата екипа.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.