Предраг Димитровски

Почитуваниот професор и експремиер Владо Бучковски во својот последен ТВ-настап уште еднаш ги покажа своите анализаторски способности. Што, нормално, може и треба да се очекува од еден политичар со исклучително богато политичко минато. Само ако и овие анализи му се како претходните, тогаш резултатите, повеќе од сигурно, ќе разочараат голем број негови политички следбеници и истомисленици, а уште повеќе „нарачателите“ или, подобро речено, оние кои сакаат да ги слушнат ваквите пораки.

Па така, Бучковски, меѓу другото, тврди дека заради договорот од Преспа и (не)селективната амнестија за настаните од 27 април во Собранието, премиерот Зоран Заев ќе ја плател политичката сметка веќе на наредните избори. И за тоа е апсолутно во право. Но, паѓа в очи неговиот, најблаго речено, претеран оптимизам, што, се разбира, остава простор за шпекулации од секаков вид. Пред сѐ, од типот на оние дека токму тој треба да почне со билдање на оптимизмот кај власта и подготовки на јавноста за евентуално нови манипулации на претстојните претседателски избори од типот на оние, што беа регистрирани, но за жал останаа без институционален одговор, за време на референдумот за промена на името на државата. Што, со обични зборови се именуваат како масовно полнење на избирачките кутии. Или, ако бараме малициозност и оставиме да говорат злите јазици, можеби со тоа „ја одработува“ одлуката на Врховниот суд за неговото амнестирање од аферата „Тенковски делови“. Во стилот, нели, на актуелното Кацарска-судство, и уште поактуелна уценета држава и уценети пратеници на сметка на кренати два прста за двотретинско мнозинство околу уставните измени, согласно со Договорот од Преспа.

Бучковски, без ни око да му трепне, предвидува дека уште во првиот круг од претседателската трка, кандидатот на владејачкото мнозинство ќе освои, ни помалку, ни повеќе, туку точно 100.000 гласови повеќе од кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ!? Аман, Бучко, кочи малку!

На експремиерот, очигледно, не му требаат никакви анкети. Уште помалку резултатите од досегашните, кои несомнено покажуваат разочараност, пред сѐ, кај огромното мнозинство етнички Македонци, што целосно дојде до израз на референдумот од 30 септември минатата година.

А, токму пред референдумот професорот Бучковски се јави со една негова анализа. За време на престојот во Софија, гостувајќи во емисија на Блумберг ТВ Бугарија, меѓу другото, изјави дека над 700.000 граѓани на Македонија ќе гласаат „за“ на референдумот. Но, притоа го остави отворено прашањето дали ќе се обединат оние кои се „против“. Според неговите проценки, во тој момент во Македонија имало 1.300.000 до 1.350.000 гласачи од кои 250.000-300.000  биле неопределени и не верувале во политичарите, а не гласале и на последните избори. Притоа, изрази надеж дека референдумската кампања ќе ги поттикне да излезат на референдумското изјаснување.

Чудно! Прво, по референдумот, излезе дека бројките, што тогаш ги спомена Бучковски, ни од далеку не беа точни. Зашто, „за“ се изјаснија малку над 635.000 граѓани, а ако се има предвид дека најмалку 50.000 гласови беа насилно уфрлени, тогаш реалната бројка е навистина далеку под прогнозираните 700.000! И второ, и таквите за Бучковски, се покажа, недостижни 700.000 беа во функција на подготвување на јавноста за постреферендумската „весела математика“ на власта. За тоа и за ништо друго. Помалку важно е што потоа и самиот влезе во таквиот „филм“ и сега сака да ни продаде само уште една епизода од истиот.

Само за потсетување, Бучковски како премиер претрпе еден, а можеби и најтежок пораз на СДСМ во историјата на парламентарните избори. Би било вистинска катастрофа ако неговото влегување во новата епизода значи и непринципиелна отворена понуда пред албанскиот дел од електоратот, како првичен знак на стравување од мнозинството етнички Македонци, кои договорот од Преспа го сфатија како отворена продажба на националните интереси. И тоа по багателна цена. Што, впрочем, и се манифестираше преку одѕивот на референдумот. Зашто, кога еден премиер ќе каже дека внатрешната употреба на сменетото уставно име на државата ќе значи национално обезличување и обесчестување, тогаш нема никаква причина да не му веруваат обичните македонски смртници, а уште помалку еден експремиер од калибарот на Владо Бучковски.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.