Васко Шутаров
Ми текнува почесто на Алиса, деновиве. Од мноштво причини. Има време за размисла колку душа сака, па и за оваа, една од најпопуларните приказни од нашите детства. „И додека еден ден дремливо си седеше крај речниот брег со сестра си, Алиса забележа зајак и во истиот миг реши да го следи, влегувајќи по него во една зајачка дупка. И кога заврши падот, Алиса се најде среде градина со мноштво необични ликови. Ваков беше почетокот, а остатокот од дванаесетте фантазмагорични приказни, се веќе антологија. Ако како деца можеби и се исчудувавме на мноштвото сцени, ликови и приказни, сместувајќи ги школски во жанрот литература на апсурдот, од денешен агол гледано, најголем дел од содржините од приказната, добиваат нова животна поука. Од нашиот актуелен живот на апсурди, можеби и како никогаш досега.
„Можете ли да ми кажете ве молам, по кој пат да одам, ја прашува Алиса мачката.
„Тоа во голем дел зависи каде сакаш да стигнеш”, одговара мачката.
„Не ми е многу важно каде ќе стигнам”, вели збунето Алиса.
„Тогаш не е ни најмалку важно по кој пат ќе тргнеш”, одговара мачката.
Колку и да е светот поделен околу причините, претпоставките или ставовите поврзани со актуелната светска здравствена, економска и несомнено нова геополитичка криза, постои сепак еден заеднички именител кој ги обединува сите разногласија од речиси сите меридијани од актулниов планетарен карантин. Ништо повеќе нема да биде исто! И затоа, најпрво се трасирани здравствените бариери пред опасноста од пандемскиот вирус. И тие правила, повеќе или помалку, се веќе применети во најголем број држави. Се проектираат патишта за излез од актуелната здравствена криза, преку своевиден натпревар во потрага по соодветна вакцина, но и преку проектирање модули за борба со потенцијалното повторно враќање на пандемијата, есенва или зимата. Секоја од државите е во изнаоѓање и на патишта за превенирање, но и санирање на веќе постоечките економски штети од пандемијата. Патиштата за економски одговор и проекциите за надминување на кризата се различни, од држава до држава. Веројатно и проекцијата на патиштата за враќање кон нормалноста на живеењето нема да бидат исти, но потрагата по нив повеќе држави ја започнаа веднаш.
Веројатно не постои светски авторитет, кој во моментов може да ги исцрта контурите на нашава цивилизација, ако ништо друго, барем за следната година. И да укаже на еден единствен пат, по кој ќе се движат народите и државите во иднина. Но, барем темите за опстанокот и проекциите на иднината се актуелизираат во бројни држави, а оние кои први ќе ги дизајнираат проекциите за здравствена, економска, социјална, политиколошка и културолошка ревитализација на нивните општества, несомнено ќе бидат во исклучителна предност пред останатиот свет. Ризикуваме ли и овојпат, не отворајќи дебата за ниедно од овие горливи прашања, да останеме повторно на опашката на сите поважни актуелни светски процеси? Во свет, во кој сите се убедени дека нема да биде ништо повторно исто. Па, ни во земјите на чудата, како нашата.
„Ако сè на светот е бесмислено, што ве спречува да направите каква било смисла? Би било толку убаво кога нешто би имало смисла, за промена.“
Ако во голем дел од реактивните здравствени политики кај нас, на крајот од денот и се убедуваме дека мора да имаат некаква смисла, па дисциплинирано ги почитуваме, предавајќи ја личната и колективна грижа за нашето здравје во рацете на здравствените авторитети, истото не може да се каже за досегашните економско-финансиски политики, понудени од официјалните економски и финасиски авторитети во државата? Ако и на лаиците за економија и финансии им е јасно, дека мерките немаат ни систем ни смисла. Или имаат, но не и за најголемо мноштво од граѓаните на државата. Општиот впечаток кој на крајот од денот се наметнува, следејќи ги економските мерки, е дека не само што не се проактивни и не ги антиципираат идните проблеми со кои ќе се соочи македонското стопанство, туку дека актуелниве економски мерки се реактивно-хаотични и стихијни, мотивирани исклучиво од барањата на крупниот капитал. И засега, единствено во негова заштита. А, некој беспоговорно ги извршува тоа.
„Но, за малку ќе заборавев, треба да ги затвориш очите – инаку нема да видиш ништо.“
И со затворени и со ширум отворени очи, може само да се види комплетното неснаоѓање во промовирањето и примената на економски мерки кои барем реактивно, требаше да ги санираат првичните, а веќе огромни економски загуби од првите вонредни месеци за македонската економија. Но, најнапред од првиот месец, месец март кога и започна кризата. И цел месец потоа, сè уште се коригираат првичните мерки “за поддршка на 250.000 вработени или 30.000 компании”, мерки во кои во голем дел нема да можат да се препознаат ни работниците, ни компаниите. А огромен број, пред сè семејни и помали бизниси од кои со години се крепеше македонското стопанство најавуваат згаснување. Со тоа и згаснување на една стабилна средна класа граѓани, врз кои обично почиваат темелите на едно поздраво и потрајно граѓанско општество, со здрави и цврсти институции и лостови на власта.
„Сериозен став кон што било на овој свет е фатална грешка. Дали животот е сериозен? Да, животот е сериозен, но не навистина”.
Да беа барем малку сериозни економските и финансиските мерки, ќе добиевме бргу официјален одговор на реакцијата на висок политичар од опозицијата, во врска со банкарските кризни политики. А во врска, со нивната одлука да не ги откажат каматите, односно само да пролонгираат отплата за три или шест месеци плаќање на ратите, што може сериозно да ја загрози економијата. Затоа што голема е веројатноста, економската криза да потрае далеку подолго од здравствената. И апелот, кој не го слушна власта, дека „банките во Македонија треба да престанат да се богатат на грбот на граѓаните и сега да помогнат кога е критично, зошто помагајќи им на граѓаните и стопанството си помагаат себе си”. Неверојатно е, како на оваа изјава на висок политички функционер (па макар бил од опозицијата) на која реагираа огромно мнозинство граѓани, не наиде на никаква реакција или коментар од страна на првото лице на македонските финансии. Барем да го поправеше својот првичен лош впечаток, кога со слегнати раменици едвај разбирливо изусти, „па, која банка би се откажала од каматите”. Ако приказната околу банкарскиот влог во македонската економска криза се сведе само во одредена помош до Министерството за здравство, тогаш станува многу појасно дека граѓаните ќе бидат единствените врз чиј грб ќе падне справувањето со економската криза. А на сите нам ќе ни остане горчливото чувство, дека банките секогаш ќе успеваат меѓусебно да се договорат околу заштитата на својот интерес и секогаш преку нашиот грб. А политичките претставници на граѓаните и сега нема да успеат да се обединат во функција на заштита на интересите на граѓаните во поглед на актуелните банкарски политики.
„Да го искористиме карантинот за да придобиеме некоја нова вештина и да излеземе попаметни и подобри”
Ова веќе не е реплика од романот „Алиса во Земјата на чудата”. Оваа е изјава на првото лице на македонските финансии за национална телевизија а по повод актуелната предлог-уредба за зголемување на акцизите на нафтените деривати. И во продолжение-„што се неколку денари повеќе, во ситуација кога цените на дериватите и онака паѓаат?”. Или, колку помалку боли стапот, рамномерно распореден на што поголем број граѓани. Ако е и од вистинската Алиса, од земјата на чудата, премногу е! Во стилот „Десет ноќи – десет пати потопло од една. И десет пати постудено”, како што знеше да каже Алиса од приказната. И дали станува појасно, дека не е случаен ликот на Алиса, од нашата реална приказна за земјата на чудата. Подобро заштитно лице, така милозвучно а толку збунето, македонската финансиска олигархија немаше да може никогаш и никаде да најде. И така, Алиса е повторно вратена на голема врата, во земјата на чудата.
„Колку трае засекогаш? Понекогаш само една секунда.”
Да, можеби ова е најпознатата реплика во романот за Алиса. Можеби еден ден и ова лудило со кое се соочуваме деновиве, кое сега се причинува како вечност, ќе го доживуваме како еден миг. Ако до оваа општа пандемска опасност, тие најважни преломни мигови од нашите животи беа најчесто лични моменти, сега стануваме свесни дека сите во моментов делиме иста или слична судбина и сите сме исправени пред иста преломна секунда, миг од нашите идни животи. Дали на крајот од приказнава ќе се разбудиме, како што во приказната од сопствениот крик се буди Алиса, преплашена од бескрајниот апсурд од нејзината приказна. И дали конечно ќе се разбудиме и спротивставиме на апсурдните мерки што се предлагаат деновиве како решенија за нашиот животен и егзистенијален опстанок, зависи од нас самите. Бидејќи предолго, како за еден живот, останавме заковани во привидите од промени и сенките од блескањето, на сцената на нашата по многу нешта единствена, но и вековита „земја на чудата”.
П.С. Нина, девојче мило! Повикај ги на кафе муабет сите поранешни министри за финансии- и тоа веднаш! Не се плаши, иако изгледаат како огромни колоси во твоите очиња. Само ќе научиш нешто од нив. Може потоа и со некоја сериозно осмислена и издржана мерка и да нè спасиш од падот во длабоката зајчова дупка, по кој сега си тргнала.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.