Дафина Стојаноска
„Сè што лета не се јаде“, така ми велеше мојот дедо. Така е и денес. Или „Не е прч сè што се прчи“.
Веќе трета година како сме под окупација на многу божемни прчови и прчли. Народот во Македонија видел многу. Уште ова не. Да ветуваш брда и долини, мед и млеко, блескава иднина, а да не знаеш дека немаш капацитет ниту за килограм млеко, колку што им се покачија пензиите на почитуваните пензионери. Да се надеваш на помош и поддршка од соседите, а да ја изгубиш довербата дадена од твоите. Да се колнеш во деца и родители, а да ја уништиш иднината на уште многу деца и идни генерации. Да бакнуваш пенкала, да подаруваш вратоврски, да го ставиш рачето на гради, да се насмевнеш наивно и да ветуваш до бескрај, притоа правејќи милион незамисливи и неопростливи киксови, гафови и неверства.
Народот во Македонија потајно и се надеваше дека барем некоја од шарените лаги ќе се реализира. Како одминува времето, веќе ниту шарените ни револуционери, а ниту самите ветувачи, не веруваат на кажаното, на нивните идеали со кои го кутнаа „режимот“ и успеаја да се искачат на тронот.
И, кога тронот го освоија, колабираа. Дали од многу возбуда или од многу омраза во нив, но колабираа. И нема кислород што ќе ги освести. Нема кислород ни за нас, ама ни за колабираниве. Но, си тераат, така колабирани, а и не се откажуваат. Велат: „Има време, ЌЕ нè биде, сè ќе биде во ред“ (читај: okay). Воздухот ни е загаден – Ќе субвенционираме инвертери; Здравствово ни пропаѓа – Ќе најдеме чаре; Земјоделциве протестираат – Нека ги; Штрајкуваат и уметниците – Е, ако де; Венецијанска критикува – Не е ништо конечно; Светска Банка опоменува – Ништо страшно; Датумов кога, лани, годинава или догодина? – Аманте веќе со тој датум!… И така, ние „А“, овие „НА“. Ние велиме не чини, овие велат дека не чинело и порано.
Дали чинело или не, народот во Македонија е свесен и сфаќа. Сфаќа дека го излажаа, го изневерија и го оставија на работ на амбисот. Истиот тој народ на кој сите се повикуваме и велиме дека е се’ за народот. Дали за народот е Рекетот, дали за народот е Фондот за иновации, дали за народот се тендерите, дали за народот беше Референдумот?
Ветеното го заборавија и го порекнаа или повторно го одложуваат. А, велеа дека само името било проблем. Па, испадна дека името било еден од поголемите проблеми. Па, сега „добрите„ ни соседи нешто мрсат конци. Па, утре виновни ќе бидат Албанија, па Бугарија, па Грција, па Франција, па ВМРО-ДПМНЕ, па Груевски, па Мицковски… сите, само не тие.
Датумот лани уште го прославија, и тоа симболично, во авион. Летнаа. Денес ретерираат. Пу, пу, не важи. И не кажале дека пилоти ќе вработуваат, туку пилот – проекти. Замислете, 300 пилот – проекти за Арачиново?!? 300 години да имаат на располагање, прашање е дали еден проект би реализирале? Чудно е што им поверувале, а ушто почудно што овие се правдаат со пилот – проекти.
Навикнавме на лапсусите. Едноставно, не може човек да издржи по 3.000 пораки во денот, по не знам колку средби ( официјални и тајни ), по не знам колку „сериозни“ разговори со мајтапчии. Дури ни неговата делегација веќе не го следи кога тој се обраќа во ОН, и тоа на македонски јазик ( со фуснота ). Идентитетот – бетон, јазикот – уникатен англиски, новокомпониран српски…
И, ајде да летаме! Е, ајде, ама за да леташ, прво треба да имаш крила, а второ – да научиш да леташ. Додека некој се нафати да лета без крила и без знаење, дотогаш народов од Македонија ни летна. 500.000 си заминале од Македонија, според Светска Баннка, и тоа со високо образование. Останатите 500.000 ни се на работ на сиромаштијата. Остануваат уште овие што учат да летаат и оние што немаат пари за билет во еден правец.
Тоа е нашата реалност која ни ја приредија нашите „авијатичари“. Зедоа на грб многу судбини и иднини, уништија многу надежи и животи. Но, остануваат на патот, прав или крив. Остануваат до последно. Не дека ќе научат да летаат, туку дека знаат што ги чека. Поразот им е неизбежен, кога и да излезат на мегдан. Сакајќи нешто да се поправат, ќе се доизрезилат. Еден по еден од „пилотите“ им „летнаа“. Авионот полека, но сигурно им се празни. Не ги спасува веќе никој и ништо. Го знаат тоа добро, но се’уште глумат, иако невешто и проѕирно. Кој ќе биде последниот пилот, останува да видиме… ако и воопшто имаше пилот во авионот?!?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.