Алдо Климан

ПИСМО ПРВО

Драг и почитуван пријателе,

одамна не си разменивме писма; јас овде, сериозно загрижен поради циркусот околу брегзитот и ирско-британската граница, а ти, пак, заради надреалните состојби во и околу твојата благородна и прекрасна татковина Македонија. Но, кога малку се замислив и ја одмерив тежината на нештата, сфатив дека тоа што се случува таму долу кај вас е навистина толку небулозно и неверојатно, а притоа одовде, од далечниот север, и сѐ појасно се гледа, па решив да го баталам брегзитот, и со тебе во неколку писма да ги споделам своите размислувања во врска со страшните, вознемирувачки вести за настаните во Македонија, што не да се граничат со лудило, туку претставуваат најординарно оживотворено општествено-политичко лудило без преседан. Затоа те молам да не ми замериш што на писмово му дадов наслов Ab absurdo usque ad absurdum (Од глупоста до бесмислата), но за тој нецивилизациски ужас под диктаторскиот режим на ултрапримитивецот Заев, со кој се потсмева и се подбива целиот свет – ужас низ кој минува мојот пријателски македонски народ, навистина не можев, а искрено, и не се ни обидував да пронајдам никакви еуфемизми.

Еве, штотуку во даблинскиот печат ги прочитав новинските известувања за завршниот збор на обвинителката Вилма Рускоска во случајот на прочуениот македонски оперски пејач со светски глас Игор Дурловски, голем македонски патриот и достоинствен Уставобранител, во кој таа за него бара најмалку 10 години затвор за кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок.

Е, толкава човечка злоба и толку искажани глупости на едно место не се голтаат ни со најфино инквизиторско рицинусово масло. Се разбира, глупоста и идеолошко-политичкото лудило се прашања на внатрешниот индивидуален психо(тично)-социјален хаос на секој поединец, па секако така е и во нејзиниот случај. Но овде сепак станува збор за работи кои се сосема инкомпатибилни со правната реалност на новосоздадената држава Република Македонија, во која, нели, од пред неколку дена, сите нешта започнуваат од чиста нула (0), па така и востановувањето на правниот систем на таа и таква новоизмислена вештачка државна чорба/творба.

Но, подобро е со наведувањето на глупостите и толкувањето на постапките на обвинителката Рускоска во случајот на Дурловски да почнам веднаш и да одам по ред.

– Пред сѐ, обвинителката Вилма Рускоска сосема евидентно во моментов нема ама баш никакви компетенции да води таков судски процес. Не мислам притоа на нејзините квалификации, зашто верувам дека завршила некакво соодветно образование според старите и застарени критериуми во бившата застарена и сега погребана држава Република Македонија штом дотуркала до таков статус. Но, да се разбереме, таа сега веќе не живее во некогашната Република Македонија, туку во модерна евро-атлантска Република Македонија, па се поставува прашањето каде, во која држава таа се здобила со својата диплома врз основа на која е вработена како обвинител? Ако тоа било во таа бивша застарена држава Република Македонија, па и да било и на некое друго место, госпоѓата обвинителка Рускоска денес едноставно нема признаена, нострифицирана диплома за Република Македонија, бидејќи во таа новоизмислена држава, стара неколку дена, сеуште нема донесено ни Пропис или Закон за нострификација на документите од таков вид, што, впрочем, би било невозможно веќе и со самото тоа што сеуште не се напишани ни граматиката и паравописот на новиот северномакедонски јазик, а старата „Граматика на македонскиот јазик“ од Блаже Конески и поранешниот „Правопис на македонскиот јазик“ во таа нова држава, поради придавката „македонски“ веќе не важат. Тоа едноставно значи дека таа госпоѓа Рускоска всушност работи на диво, како најобичен надри-обвинител, што е најстрого казниво по разни основи, меѓу кои и по основа на давање лажни податоци за својот професионален идентитет.

– Понатаму, угледниот оперски пејач со интернационално реноме Игор Дурловски, на кој лудаците со мемлосан средновековен ум му судат, е обвинет и уапсен во Република Македонија, а судскиот процес се одвива во новата вештачка државна творба Република Македонија. Колку што на целата светска јавност ѝ е познато, таа Република Македонија досега не побарала официјално од бившата погребана правна држава Република Македонија екстрадиција, како што тоа се прави во такви случаи, те. предавање на обвинетиот Дурловски во рацете на правдата на Република Македонија, зашто, нели, станува збор за две сосема различни држави, со различни устави и внатрешна и меѓународна дефиниција. Тоа значи дека за потребите на квинслишката власт и за идеолошката и психо(тично)-социјална реализација на надри-обвинителката Рускоска угледниот пејач Игор Дурловски е буквално грубо, криминално киднапиран од бившата држава Република Македонија и, спротивно на неговата волја и на меѓународното право, префрлен во Република Македонија, за што и Република Македонија, а и надри-обвинителката ќе сносат тешка одговорност и ќе им се суди за кривично дело бесправно одземање на слобода, и според домашните и според меѓународните закони.

– А сега следува апсурдот над апсурдите. На храбриот и достоинствен Уставобранител и светски славен оперски пејач Игор Дурловски му се суди за тероризам и уривање на уставниот поредок на државата Република Македонија. Сосема изгубена во хаосот на своето идеолошко-политичко лудило надри-обвинителката Рускоска, опиено задлабочена во дудушовската рекла-кажала правна аргументација со која таа има намера еден чесен македонски граѓанин и патриот да го набута во зандана на најмалку десет крвави години, воопшто и не забележала дека за сето тоа време, зад нејзиниот обвинителски грб, а надвор од хаосот на нејзините шашардисани мисли, се случува нешто страшно, всушност, дека токму нејзиниот налогодавач, велепредавник и национален терорист бр. 1 Зоран Заев на сите страни, низ Македонија, по странските амбасади, во други држави и во воени алијанси, држи „пламени говори“ за уривање на уставниот и државно-правен поредок на Република Македонија и за создавање новоизмислена вештачка државна творба Република Македонија. Грчовито зафатена со „спасувањето“ на Република Македонија од невиниот Игор Дурловски кој, како и безброј искрени бранители на својата единствена татковина, стори сѐ за да ја спаси Република Македонија од квислиншката и големоалбанска клика на Заев, госпоѓата надри-обвинителка Вилма Рускоска едноставно не успеа ни да види ни да сфати дека, додека македонските Уставобранители, а со нив и угледниот оперски пејач со светски глас Игор Дурловски гниеја во затвор, чекајќи ја нејзината правна зае*анција, всушност требало Република Македонија да ја спасува токму од Зоран Заев и од неговата гангстерска компанија, те. веднаш да го уапси Заева со целата банда и да им суди за тероризам и уривање на уставниот и државно-правен поредок на Република Македонија. Па не ги потпиша Игор Дурловски капитулантските тапии: Договорот со Бугарија, Законот за албанскиот јазик и Преспанскиот договор! Не го раскопачи и не го менуваше Дурловски Уставот на унитарната држава Република Македонија, бришејќи ја од лицето на светот и претворајќи ја во некоја нова бинационална држава Република Македонија! Е, на тие гангстери и терористи што го направија тоа требаше будно да пази и да внимава надри-обвинителката Рускоска! Да беше така, државата Република Македонија би била спасена, а на надри-обвинителката не би ѝ била потребна нострификација на нејзината застарена диплома од страна на вештачката државна творба Република Македонија, и притоа уште преведена на непознатиот северномакедонски јазик. Од горе наведеното, сосема јасно и недвосмислено се гледа дека именуваната надри-обвинителка не си ја вршела совесно својата работа, апсејќи невини луѓе, а оставајќи ги на слобода терористите и уривачите на државата. Затоа, прва очекувана санкција за таа непрофесионалност со што е загрозен уставниот и државно-правен поредок на Република Македонија е Вилма Рускоска веднаш безусловно да добие отказ од работа, а против нејзе Република Македонија да покрене кривична постапка. Знам дека можеби тоа звучи малку чудно, но на новата вештачка ступидна творба Република Македонија, која во овие неколку кутри денови на своето постоење од сѐ срце „се бори“ за владеење на правото, никако не ѝ е прифатливо тоа што поради неодговорноста на една обична надри-обвинителка, која денес дава обвинителски услуги дури и без нострифицирана северномакедонска диплома, безобѕирно е урнат и изгаснат уставниот и државно-правен поредок на една невина, благородна меѓународно признаена земја – Република Македонија.

– Лудилото и надри-професионализмот на надри-обвинителката Вилма Рускоска немаат крај. Имено, на Игор Дурловски му се суди за тероризам затоа што во Собранието на Република Македонија пламено ја пеел македонската национална химна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата”. А истовремено, човек да не поверува! – слободно си се шета и големоалбанчува низ Македонија човекот што во македонскиот законодавен дом ја пееше химната на друга, туѓа држава. И наместо да биде спротивно, веднаш да се уапси и да му се суди на тој распеан големоалбанец за тој недвосмислено антиуставен и антидржавен чин, за тој чин на пламнато антидржавно пеење на странска химна во македонскиот Парламент, што претставуваше очигледен и најжесток повик за загрозување и уривање на уставниот и државно-правен поредок на Република Македонија, и наместо да им се суди на сите оние што го извршија безобѕирниот државен удар на 27 април 2017 година, на чело со повеќекратниот воен конвертит, лажниот спикер Џафери, кој веќе утредента дрско го забоде освојувачкото албанско знаме во срцето на македонската законодавност, Собранието – уапсен е, фрлен во зандана и му се суди на Игор Дурловски, на храбриот и достоинствен Уставобранител и државобранител на Република Македонија, кој – да пукнат душманите! – веќе на голема врата е влезен во историјата како непоколеблив македонски патриот кој, со својот моќен и сугестивен, уметнички посведочен глас, практично беше последен Македонец кој ја пееше македонската национална химна во тогашното, сеуште постоечко Собрание на Република Македонија, што веќе никогаш нема да се повтори.

Драг мој и почитуван пријателе и брате по перо, ете, со вакви црни размисли за тоа невидено лудило денес тагував со сите вас на кои една бедна група криминалци и терористи ви ја откраднаа, на туѓински ѓубриња ви ја предадоа и ви ја продадоа државата Република Македонија, а ступидно и надреално, во име на таа на сила потоната држава, госпоѓата надри-обвинителка Рускоска му суди на Игор Дурловски, и тоа во една сосема друга, само неколку дена стара држава, па така на досието на воведниот судски спис за Дурловски сеуште стои името Република Македонија, додека во пресудата, каква и да биде, ќе стои „Во името на Република Македонија…”

Те молам затоа, од мое име и од името на сиот цивилизиран свет, порачај ѝ на предметната надри-обвинителка ВР, да не се бламира веќе вака бедно, зашто сите ѝ се смеат, и веднаш да го ослободи Игор Дурловски, тој вдахновен македонски маж-славеј, да пее, да ги усреќува и да ги развеселува своите најмили, но и сите љубители на вечната класична музика низ целиот свет, а на сите Македонци, кај и да се, онака вдахновено како што знае, да им ја пее славната македонска национална химна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“.

Порачај ѝ на таа надри-обвинителка дека таа и целата заевска криминална братија сега привремено имаат сила да му го затворат телото на Дурловски, но ниту таа, ниту сите заевски дивјаци немаат и никогаш нема да се здобијат со таква сила и моќ да го затворат Духот – ниту Духот на македонскиот маж-славеј Игор Дурловски, ниту Духот на достоинствениот македонски народ.

Драг мој и почитуван пријателе, ете, толку за денес. Чувајте се од тие тамошни будали и бездушници!

Ти пожелувам добро здравје и длабока вдахновеност во твојата лична и во вашата (и наша) заедничка македонска борба против ова невидено правно кравјо лудило и зло.

Твојот Џонатан Свифт

Post Scriptum

Почитувани читатели, писмото од истакнатиот ирски писател и мој долгогодишен и длабоко почитуван пријател Џонатан Свифт овде го донесов интегрално, без какви и да е интервенции и скратувања. Ја исфрлив само неговата забелешка во постскриптот, во која ме моли, по прочитувањето, писмото веднаш да го уништам за да не им падне в раце на ступидната заевска полиција и на актуелните домашни јавни обвинители, кои и натаму селективно, според заевскиот терк, си апсат или приведуваат на распит, особено за „пламени патриотски говори и пишувања, како и за пламено пеење на македонски песни“ што, според нив, претставува недвосмислен говор на омраза кон црните грчко-бугарско-албански пријатели на велепредавникот Заев.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.