(или на француски начин)
Васко Шутаров
Кога студирав дипломатија, професорите предаваа освен историја и теорија на дипломатија и дипломатски вештини и знаења, стекнати од дипломатската пракса. Од тоа бесценето искуство учевме за вистини кои праксата ги потврдуваше, а кои не се среќаваат во теоријата. Две такви вистини, до ниво на математички аксиом, ми се потврдуваат и ден денешен. А) Големите дипломатии имаат голема меморија. Б) Големите империи и дипломатии секогаш се враќаат онаму каде веќе биле! Подоцна од пракса научив уште многу важни нешта за дипломатиите, посебно за помалите дипломатии и тоа, дека а) многу често во пракса ништо не научиле од своите грешки во сопствената историја, б) дека највисоките дипломатски досези им се состојат во периодични кавги со соседите, најмногу заради мир во сопствениот двор.
Во моите подоцнежни истражувања за културната дипломатија, научив и за брилијантни примери кога и помалите дипломатии во одреден гео-политички контекст, мудро препознавајќи го сопствениот интерес а користејќи ги сопствените ресурси, станувале релевантни дипломатски актери и надвор од своето регионално значење. Деновиве, по еден друг повод, го споменував примерот на некогашна СФРЈ, од годините на прекин на поблиските односи со некогашниот СССР и Источниот блок. Годината е 1953, односите со Истокот се сè уште затегнати, а Западот сè уште покажува скепса кон демократските капацитети на одметнатата комунистичка држава. Јосип Броз Тито и тогашното југословенско раководство му доверуваат а набргу прифаќаат иницијатива на Мирослав Крлежа за организирање на изложба со наслов “Југословенска уметност”, во Гран Пале во Париз. За прв пат, во тогаш најголемата европска културна престолнина се претставени заедно, колекција од најдобри српски средновековни фрески, колекција од хрватската романтична скулптура и репрезентативни примероци од босанските стеќци. Комунистичка Југославија му се претставува на светот со своја сакрална уметност, ја културализира, а себе се позиционира на културната мапа на светот. Во тој геополитички моментум било исклучително важно но пред сè нужно, Тито да успее да ги убеди партнерите од Западна Европа, дека тој лично и државата која ја води е нешто сосема друго од останатиот комунистички свет, толку неопходно убедување за градење клима на доверба во процесите на давање помош и кредитирање на кревкиот економски систем на тогашна Југославија. Оваа изложба, ингениозно концепирана и маестрално реализирана, успева на некој начин да ја промени претставата за Југославија како едно од комунистичките зла во светот, да ја прикаже и пред западните парламенти и влади, но пред сè пред западната публика во едно ново светло, кое Југославија и го посакува и успева да го искористи и за свои (првенствено!) политичко-економски и воени цели. Со оваа изложба е постигнат токму таков успех, кон каков се тежнеело и кој тешко би бил постигнат и со директни, билатерални или мултилатерални политички контакти.
Годината е 2019. А, предизвикот e од многу слична природа. Како да “се освојат срцата и умовите на западните држави”, првенствено на Франција? И во оваа пригода, уште еден аксиом од поновата дипломатска практика. Таму каде не може да се постигне посакуваната цел со средствата на класичната или традиционална дипломатија, се користат алатките и инструментите на културната дипломатија. Да бидеме чесни и отворени, а со што тоа би ја анимирале или заинтригирале во моментов Франција? Со дипломатски вештини ќе импонираме на држава која ја измислила модерната дипломатија, а францускиот бил долго време прв дипломатски јазик? Со нашиов актуелен дипломатски протокол ќе импонираме земја, родно место на бон-тонот и дипломатскиот протокол? Со патенти и иновации ќе ја освојуваме? Или со силни индустриски брендови и економски перформанси? Со дострели во владеење на правото, унапредувања на човековите права и слободи, меѓу кои и уставно загарантираното право на простести? Држава која го кодифицирала своето право во најголем дел на Европа и е родно место на западниот концепт за човекови права и слободи. Или можеби ќе ги импресионираме со нашиот најнов законски изум за јавни протести, кога веќе Макрон не се сетил на сличен, дури Париз беше под опсада на жолтите елеци? Итромани има во актуелнава македонска власт, како никогаш порано. Тоа во моментов, имаме за солиден извоз.
Но, да се вратиме сепак на културата. Она, за што има дефинитивно дефицит во актуелново политичко владеење. Франција е родно место и на културната дипломатија. Првите културно-дипломатски акции од крајот на 19 век, се нејзин изум. И денес Франција вложува во културната дипломатија и тоа најмногу средства по глава на жител на светско ниво. А нашата држава има само еден начин во моментов да биде видена, препознаена и да стекне симпатии и наклонетост кај француската јавност. Тоа е несомнено, културата. Денови, недели и месеци на македонската култура во Париз, во кои ќе биде презентираното највредното од бесценетото културно наследство, како и најзначајното од современото културно творештво. И да не редам што се можеме, но колку да спомнам само на богатството од икони и фрески, теракотни икони, ремек-дела од копаничарството, фолклорното творештво, музиката, опусот на браќата Манаки за контрастите “а ла франга” и “а ла турка” пред цел век во македонските градови, сликите на Никола Мартиновски за истите тие контрасти, но и делата на класиците на македонското сликарство, инспирирани од француското сликарство. Месец на македонскиот филм. Недели на македонскиот театар. Денови на македонската музика. Ноќи на македонската поезија преведена на француски јазик. Година на македонските вина и храна во Франција. Неброени предности и начини за доближување, препознавање и создавање симпатии за македонската култура, за нас самите. И несомнено, за подобрување на перцепцијата на француската јавност за нашата држава. Тоа за таму, во Париз, Франција.
А за дома? А ла франга по дома, не значи да се биде по француски терк, само за надворешна употреба. Туку внатрешно престројување, средување, нормализирање. Тоа не значи, најмногу Луј Витон чанти по глава на обвинител, туку правосуден систем, владеење на правото и правичноста, избрусени како најдобриот македонски филигран. А ла франга не значи, најмногу џипови и скапи часовници по глава на политичар, туку борба против корупцијата и криминалот, издлабени како ремек-делата на дебарската резбарска школа. А ла франга не значат најмногу француски парфеми по глава на министер, среде секојдневната борба за чист воздух и перцепцијата за “држава во пламен” со најмногу отровни материи, по глава на жител.
Макроновото “Не” многумина го разбраа како француски одговор на македонскиот крик за нормалност, за право и правичност, за здрав и квалитетен живот, европска култура и стил на живеење. За некои ова “Не” беше знак за враќање на Франција на Балканот и тоа преку старите добри врски од оската Париз-Белград. За некои, веќе циркуларниот нон-пејпер, одењето напред-назад и “реверзибилноста”, правењето “поголема торта со помалку маслац”, беше сигурна асоцијација на танго. На последното танго во Париз, за актуелнава власт. А, за бројни познавачи на реал-политиките, ова “Не” е почеток на едно ново гео-стратешко престројување, во кое бриселското и македонското реформирање (не само бирократско, според Макрон за “Економист”) e неопходен услов за долготрајни суштински промени, за европско-македонско танго “а ла франга”, во кое и двете страни би држеле партнерски чекор во новото, што му се подготвува на светот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.