Васко Шутаров

Сите министерства од нашите животи

Во едни години кога многу повеќе ни беше дојдено до смеење отколку денес, сме знаеле до солзи да се смееме и на прилично апсурдниот хумор својствен за британската висока средна класа, како хуморот од „Летечкиот циркуз на Монти Пајтон“, на пример. Денес, неколку децении подоцна, во држави каде сѐ уште е нормално и природно луѓето да се забавуваат и смеат од срце, скечевите од оваа исклучително луцидна британска комедија станаа неодвоив дел од реалните животи на милиони луѓе. Денес не е ништо необично што во едно гратче близу Ротердам во Холандија, сообраќајните знаци за пешачки премин се заменети со знак-слика на која е претставен Џон Клиз во легендарната поза, како со актовка во рака, цилиндар на глава и со нога подигната во вис го минува пешачкиот премин.

Тоа беше поза од скечот наречен „Министерство за смешно одење“ која и денес засмејува секаде каде ваквото одење е „воведено во пракса“, од Чешка, преку Норвешка, цели села, градови региони и области во Англија и САД.  Она што тогашните челници на Би-Би-Си веднаш не го препознале во моќта на хуморот на монтипајтоновци, сметајќи го само за краткотрајна лудорија на млади луѓе со нихилистички и цинични пораки, денес претставува единица мерка за добра забава, а „Министерството за смешно одење“ закон за добра забава и среќа. Среќата не е нова идеја во Европа и светот, но кај нас вреди да се запрашаме, дали е?!

Денес има држави, кои се обидуваат на сите мoжни начини да ги усреќат своите граѓани, дури и преку посебни министерства за среќа, какви што имаат Бутан, Нигерија, Венецуела и од неодамна Обединетите Арапски Емирати. Но, само ако ги погледнеме годишните истражувања за најдобро рангираните држави со среќни граѓани, нема да ги најдеме државиве со посебни државни ресори за среќа, туку токму горенаведените држави каде меѓудругото се практикува и лудо забавното одење од скечот на „Министерството за смешно одење.“

Апсурдната природа на хуморот што до солзи ја смееше мојата генерација, си дојде денес по своето. Впрочем, преку тој хумор доведен до совршена уметност можеа да се насетат контурите на животот што денес ќе го живееме. Живот во кој без ред и поредок, надреални и налудничави ликови секојдневно ќе го окупираат нашиот заеднички јавен простор и во кој дневните најавни и одјавни шпици ќе си ги менуваат местата или ќе одат истовремено заедно. И секако дека реално ќе ни се случуваат министерства за смешни одења, во кои одењето напред и кон прогресот, ќе се одвива баш така со кренати нозе во вис и трапаво, како што реално денес ни се случува.

Но, „сега одиме со нешто поинакво“, што би рекле оригиналните монтипајтоновци. Тоа поинакво значи, дека долги години по смеењете на нивните скечеви, се изначитавме, изнаслушавме, изнагледавме и изнаживеавме цело едно разнообразие од министерства. Ќе беше каде каде подобро, како што не го доживеавме во живо одењето во тактот на „Министерството за смешно одење“, да не ги доживееме никогаш ни ритмите на сите други министерства за кои читавме, слушавме, гледавме и потајум стравувавме од нив. Од министерствата за среќа под диктат на некое државно „Министерство за среќа“ или „Министерството за потполна среќа“ од бестселер романот на Арундати Рој, каде преку индиските предели во кои мирот е војна, а војната мир, препознававме слични судбини од нашите понови животни страдања. Или, да не се препознававме во толкава мера во баладата на Арсен Дедиќ „Министерство на стравот“ инспирирана од перото на англискиот писател Грејам Грин и истоимениот филм на Фриц Ланг. Но, со сигурност најмногу инспирирана од секојдневието што многумина го живееја сиве овие години. „Радим у Министарству страха, радим од седам до три, моја је једина дужност-страховати, стрјепети, дрхтати“

Но, најдобро ќе беше, да нѐ одминеше во најширок можен лак орвеловото „Министерство на вистината“ и да ни останеше само на ниво на книжевно сознание искуството за суровоста на моќта на јазикот да го менува општеството и немилосрдната моќ на политичкиот наратив да ги менува нашите животи, во кои стануваме само „грамофонски ум, без разлика дали се согласуваме или не со музиката што се свири во моментов“. И колку ќе беше добро во уште пошироки лакови да нѐ одминеа и да останевме само на книшкото искуство со останатите министерства од култната „1984“,„Министерството за мир“ кое постои за да продуцира нетрпеливост, поделби и конфликти, „Министерството за љубов“ во кое никогаш не се гаснат светлата и кое преку „Полицијата на мислата“ продуцира непрестана тортура и перење на мозоци или „Министерството за изобилство“ кое предизвикува само ограничувања и оскудевања на план на сите животно важни потреби.

И секако, барем да нѐ одминеше „Министерството на болката“ од Дубравка Угрешиќ и останеше само врвна уметничка рефлексија за еден „роман река“ и за цел еден калеидоскоп од изгубени млади луѓе кои бегаат пред виорите на последните балкански војни во Амстердам, добро знаејќи дека нема да можат да се вратат назад и издржувајќи ја голготата на прогонството се решени да се снајдат на сите можни начини. Таа „амстердамска терапија“ за опстанок, го носи и името на овој роман, „Министерство на болка“. Имено, дел од таа мала заедница од нашиов поблизок регион изработува облека од кожа и други кожни реквизити за еден амстердамски садо-мазо клуб, кој се вика „Министерство на болка“.

(За нас, кои останавме на овие простори, за болката не се најде ни институција ни цело министерство што може да ја управува и решава.)

Последниот човек во Европа. И последниот Македонец во неа.

А сега, уште нешто сосем поинакво, што би рекле драгите „монтипајтоновци“. По раскошот од уметничко и политичко осознавање на влијанието на разни влади и разноразни министерства во нашите животи, што да се каже?! Стасавме и до таква апсурдна гротеска, каква ни луцидните автори од „Летечкиот циркуз на Монти Пајтон“ не би можеле да смислат. Немаме во реалниот живот ни трага од монтипајтоновска смеа и радост, но затоа имаме најнова влада во монтипајтоновски стил: „Влада за изнајмување. Со поглед кон прогрес“.

И иако реално нема ни радости ни смеа во нашите животи, затоа имаме јавен политички новоговор кој треба да ги осмислува и води кон прогрес нашите изгубени животи. Бидејќи нашето активно „Министерство за вистина“ непрестано мисли на нас и најдобро знае како 2+2=4 прогресираат во 2+2=5. И секако, најдобро ја познава моќта на разбивањето на човековиот ум во парченца и негово повторно составување во облик каков што на власта најдобро ù одговара. Така запишал Орвел во својата книга „1984“, која првобитно планирал да ја наслови како „Последниот човек во Европа“. Така непогрешливо го следат словото од книгата, нашиве актуелни од министерствата за вистина, љубов, мир и изобилство, испишувајќи ја можеби и несакајќи на овој начин, уште необјавената новела за „Последниот Македонец во Европа“. Барем како што тргнале работиве сега, во најава е!

Реално, не само што немаме животи без смеа и без радости, туку и многу малку живот остана надвор од контекстите на сиромаштијата, болката и стравот. Зарем малку министерства и влади поминаа низ нашите животи, во поранешната и нашата денешна држава, зарем малку животно, политичко, културно, духовно и уметничко искуство акумулиравме и како знаење и како животно искуство за да дојдеме на денешново дереџе, во кое како на кванташки пазар, со јавно наддавање, со денови и ноќи се мерат и вагаат политичките интереси, порнографски соголени, без срам и без перде. На каквa ли плоднa почва паднаа сите длабокоумни мисли за крајно штетното во политиката и најлошото во политичкото, па гротескно ги преповторуваме како свои најдлабоки историски грешки и ден денешен! Една од нив, запишана одамна од Андриќ, посебно здраво ни се удира од глава: „Долготрајното робување и лошо управување можат до толкава мерка да го збунат и извитоперат разбирањето на еден народ, при што и здравиот разум и правилното расудување можат целосно да му се изместат. Таков пореметен народ не само што нема да може повеќе да разликува добро од зло, туку нема да ја разликува ни сопствената корист од очигледната штета“.

Влада за измајмување. Со поглед кон прогрес.

Многу би сакал да не сум во право во видувањето на денешните политички состојби во Македонија. Но, како да се разубедам дека ова не се најниските гранки на политиката воопшто и дека најлошото, најнечовечното, најозлогласеното во политичкото некому друг и негде другаде се случуваат?! Нема други такви слични места и случаи, барем не во модерниот свет! Нема никаде слична таква кобајаги политика, нема никаде таква кобајаги власт, такви кобајаги институции и таква кобајаги демократија, во кои, еве само еден пример, не се почитува волјата на гласачите од последните парламентарни избори од пред година и пол, па се предлага владин состав кој со ништо не е одраз на расположението на македонските гласачи. Само во кобајаги држава, премиер во оставка и без обезбедено парламентарно мнозинство, крои и прекројува и домашна и меѓународна политика. И уште тајно преговара со соседна држава. Во кој западен или источен модерен учебник по политикологија, ќе прочитате за слична практика?!

Само во кобајаги суверена влада инспектори не можат цели две седмици да влезат во туристичка агенција преку чија тура до Истанбул трагично загинаа 45 луѓе, и само на таква суверена влада може да и се случи огромен раст на сите цени и таа реалност да ја фати на спиење. Само на кобајаги власт, место намалената содржина и тежина на потрошувачката корпа под налетот на севкупните поскапувања, може поважна да и стане цената на една пластична ќеса со која ги замајуваше граѓаните цела седмица. Само на комплетно изгубена во време и простор влада, може да и се случи, секаков политички лилипутанец кој регистрирал партија и се залепил на некоја партиска коалициона черга, да условува и да си изнајмува министерства специјално по своја мерка и вкус, инстант измислени, макар комплетно бесмислени, како министерствата од погорниов дел на колумнава. Во една најнова крпи-закрпи пачворк влада, која треба да ги доврши последните зулуми преку кои вратите на прогресот широко ќе ни бидат отворени?!

Едно министерство за нормалност, може ли?

„Постојат три големи страсти: алкохол, коцка и власт. Од првите две некако и може да се излечи, од третата никако“, пишуваше Меша Селимовиќ. Поновата научна пракса делумно го демантира големиот писател – двете последни страсти како несупстанцијални најтешко се лечат, а последната и понатаму важи за неизлечива. Со оглед на фактот дека и нашиот последен владин состав (на изнајмување поради „неодложни прогресивни причини“) е составен од долгогодишни неизлечиви пациенти-зависници од политичка моќ, да замолиме барем за едно „Министерство за нормалност“ (може и без ресор) и едно „Министерство за последниот Македонец“ во македонската влада? И барем со ресор да биде?! М??

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.