Предраг Димитровски
Да се пронајдат останките на сите жртви и загинати по војната, без оглед на која страна тие припаѓале. Зашто, и тие се граѓани на Република Македонија, а нивните наследници имаат право достоинствено да ги погребаат своите блиски.
Со овие зборови на одбележувањето на 50-годишнината од победата над фашизмот, во 1995 година, првиот претседател на слободна и независна Македонија, Киро Глигоров, всушност го најави откопувањето на масовната гробница во атарот на село Летевци, во месноста Пуста Кула, на границата меѓу Велешко и Скопско. Во неа се наоѓаа останките на педесет и тројцата велешани, кои биле брутално ликвидирани ноќта меѓу 14 и 15 јануари 1945 година, без редовна судска постапка, од страна на припадници на ОЗНА, предводени од нејзиниот основач и најмлад генерал, Јевто Шашиќ.
Настанот, што ќе остане запаметен како еден од комунистичките срамови што со ништо не се перат, денес, од оваа временска дистанца, добива посебна димензија, зашто се вметнува во контекст на македонско-бугарските добрососедски односи. Крвавиот комунистички пир што се одвивал во услови на сè уште незавршена војна, Бугарија го вбројува во редот на оние во кои, наводно, биле ликвидирани Бугари, а манипулациите со нивниот број се движат до неверојатни 20.000 лица, пишува Предраг Димитровски за Пресинг ТВ.
До ликвидирањето на педесет и тројцата велешани дошло само една недела по бунтот на скопското Кале во кој припадници на артилериските бригади ја промовирале паролата „Не сакаме на Срем, сакаме на Солун“ како израз на желбата за создавање на обединета македонска држава. Мрачниот чин е резултат на оценките на Политбирото на ЦК КПЈ и на Маршалот Тито, се разбира со поддршка на Политбирото на КПМ, дека Македонија се уште не расчистила со ванчомихајловизмот и не дала доволно жртви за ослободувањето во текот на Втората светска војна.
Но, тоа што е најважно, за жал, Република Македонија не собра доволно, пред се, политичка сила и судски да ги рехабилитира жртвите. Зашто, Врховниот суд во ноември 2004 година не можеше или, подобро речено, не сакаше да види дека егзекуцијата била извршена со антидатирана судска одлука. И не само на овие 53-ца велешани, туку и на оние кои се ликвидирани во Куманово, во Преспа… како и оние кои ја поминаа голготата по комунистичките/социјалистичките судови заради различната идеолошка определба.
Егзекуцијата на велешаните била извршена дивјачки. Некои биле убиени со огнострелно оружје, но најголемиот број од нив со удари од токмаци, директно во главите! Може ли само врз основа на овој факт да се претпостави колкава била омразата кај новите комунистички власти?!
А, кои биле жртвите? Сите биле затвореници во велешкиот затвор. Македонските историчари велат дека меѓу нив имало различни категории, почнувајќи од интелектуалци, членови на ММТРО, на ВМРО на Иван Михајлов, па до обични селани, контрачетници, соработници на окупаторските власти, патриоти. Бугарскиот историчар Коста Црнушанов, пак, сите ги смета за Македонци со бугарско национално чувство.
Пишувајќи на оваа тема, во ноември 2011 година, тогаш за политичкиот магазин „Публика“, што секој викенд излегуваше како додаток на весникот „Дневник“, водев разговор со доајенот на македонското новинарство, сега веќе покојниот Борис Поп Ѓорчев, Бог да му душа прости. Поп Ѓорчев беше претседател на Одборот на семејствата на егзекутираните велешани и долги години го истражуваше целиот случај, зашто меѓу погубените се наоѓаше и името на неговиот татко Богдан Поп Ѓорчев, инаку дипломиран доктор во Виена и припадник на ММТРО, кој од страна на комунистичките власти бил уапсен на 10 октомври 1944 година, уште првиот ден по ослободувањето на Велес, се присеќа Димитровски.
И во тој разговор изнесе еден интересен детаљ. Имено, по настаните на скопското Кале, Шашиќ тргнал да ја смирува ситуацијата и во штипската касарна. Но, неговиот возач на воениот џип го погрешил патот, па доживела несреќа-џипот им се превртел во Отовичка Река. И нервозен од тоа што му се случило, кога стигнал во Велес веднаш наредил да се ликвидираат сите уапсени во велешкиот затвор. Протоа успеале да се спасат само двајца затвореници, Благој Чушков и Тодор Каргов. Подоцна обајцата биле фатени, но биле осудени само на по една година затвор. Судбина! Секогаш знае да си поигра со луѓето.
По молкот од цели пет децении за настанот, со доаѓањето на плурализмот, на барање на Одборот на семејствата на егзекутираните велешани, во 1996 година претседателот Глигоров предложи, а Владата се согласи да се пронајде дотогаш непознатата локација на егзекуцијата. Беше формирана специјална меѓуресорска комисија, а со откривањето на локацијата беше извршена и ексхумација на жртвите, што ја изврши скопскиот Институт за судска медицина. Летото, пак, беше извршен верско-граѓански погреб на гробиштата на црквата „Св.Спас“ во Велес. За жал, година или две подоцна споменикот беше скршен од непознати вандали и како таков и натаму останува нем сведок на нечии фрустрации и ниски страсти, на нечии запалени глави, кои не сакаат да се соочат со вистината и црните петна од минатото, а застрашувачката порака што ја испратија веројатно ни самите не можеа или не сакаа да ја разберат, како свој придонес во македонската мартирологија, завршува Димитровски.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.