Васко Шутаров
Како деца, во овој период од годината, време на зимски распусти, на единствениот Тв канал кој ни стоеше тогаш на располагање, гледавме серијали за опстанок во природата, за саваните и дивите животни, една детска серија со креативни игри за деца, “Коцка, коцка, коцкичка” и секако љубеното “Волшебно самарче”…се читаа лектири, а во остатокот од времето се играше, подеднакво и надвор и дома. Домашните, школото и животот нè учеа на лекции, за кои подоцна во тинејџерски години со сласт читавме и во еден американски бестселер “Сè што знам за животот, научив уште во градинка”, од авторот Роберт Фулгам.
“Подели сè. Играј чесно. Не удирај ги другите. Врати ги работите таму каде што биле. Исчисти после тебе. Не земај предмети што не се твои. Извини се кога ќе повредиш некого. Измиј си ги рацете пред јадење. Живеј го животот урамнотежено. По малку учи, по малку размислувај. Цртај и сликај и пеј, танцувај, играј и работи, по малку секој ден. Дремнувај секое попладне. Кога ќе излезеш надвор, внимавај на сообраќајот, држи се за рака и не лутај сам. Биди свесен за чудата. Сети се на малите семиња во пластичната чашка. Корените одат надолу, а растението расте угоре и никој не знае зошто или како, но сите ние сме такви. Златните рипки, хрчците, белите глувчиња и семињата во пластичната чашка – сите тие умираат. Исто така и ние.
А потоа, сети се на приказната на Ивица и Марица, на првиот збор што си го научил, најголемиот од сите: Гледај! Сè што треба да знаеш е таму некаде. Златните правила, љубов и основна хигиена. Екологија, политика и човечно живеење.
Години на Тв-карневали
И гледај! Чудо! Толку многу години подоцна, во исти вакви празнични зимски денови, се прашуваш тивко, кој виор ги однесе златните правила за животот, што ги учевме во градинка. И, препрочитувам и за себе преведувам 33 принципи на животот, дефинирани во “Теоријата за телевизијата- телевизијата како карневал”, од рускиот публицист Виталиј Третјаков, колку чудењето да си најде некаква сатисфакција. И во деновиве на василичарски карневали, ги споделувам со вас овие 33 принципи:
- Животот (вклучително и работата)- е игра
- Кловнови и фрикови треба да има многу повеќе отколку паметни и интелигентни луѓе.
- Млад човек е подобар од повозрасен, да не зборуваме за многу постари.
- Смеењето без причина е подобро од причина без смеење.
- Оној кој се смее е подобар од оној кој се смешка, а оној кој се смешка од оној што е смирен.
- Но, оној кој се расправа е подобар и од оној кој се смее.
- Потребни се предимензионирани емоции (по можност громки и со гримаси) и по можност само три вида: восхитување, ужас, замисленост на лице. (ако го нема првото и второто)
- Соблекувањето е подобро од облекувањето
- Пресоблекувањето, уште позанимливо.
- Пародијата и карикатурата се позанимливи од оригиналот.
- Травестија : улогите се најзанимливи кога се разменуваат.
- Воајеризам: да се гледа е побезбедно отколку да се дејствува. А и побезбедно е така.
- Аномалијата е подобра од нормата : злосторството е позанимливо од послушноста, , непристојното од достоинственото
- Грдото е позабавно од прекрасното.
- Но, убавото (да не го мешаме со прекрасното) е позанимливо од обичното.
- Светскиот живот и животот на џет-сетот е позанимлив од животот на обичниот свет.
- Соперништвото е позанимливо од соработката.
- Нелојалната конкуренција е позанимлива од коректната.
- Разводите се позанимливи од свадбите. Ајде, да се венчаме, но мораме и да се разведеме.
- Вонбрачните деца се позанимливи од оние родени во брак.
- Нејасното е подобро од јасното, таинственото од јавното, имагинарното од реалното.
- Потребна е екслузивност, па макар била измислена.
- Не треба да им се досадува, на оние кои не сакаат да им се досадува. Однесувај се во стилот : лесно, уште полесно, најлесно.
- Зацврстувај ја верата во медиумите, максимално обоготворувај и митологизирај!
- Не може без супер-звезди. Една таква вреди колку десет обични ѕвезди.
- Кај ѕвездата е сèинтересно, дури и тоа, како престанала да биде ѕвезда.
- Новајлија може да биде поинтересен од ѕвезда. Посебно ако е фрик.
- Екипата учествува во сè:во мојата емисија јас тебе ќе те промовирам, а во твојата-ти мене.
- Фали ги своите! Исмевај ги другите! (или конкуренцијата)
- Кога ќе зграбиш, не пуштај! (Пуштај реклами меѓу емисии, а за време на викендите напаѓај го аудиториумот со “касетни бомби”) Запамти го принципот на циркусот: “Вечерва во циркусната арена гостува НЕКОЈ”!
- Не заборавај сосема на обичните луѓе и нивните проблеми. Ако треба и сочувствувај со нив. Ако треба, пушти и некоја солза.
- Кулминација : телевизискиот бог ги решава сите проблеми, како на ѕвездите така и на обичните луѓе.
- Водителот секогаш треба да игра главна улога.
Денови на карневали и травестии
А каде сме ние, со нашиот македонски Тв карневал и реалните карневали и травестии? Деновиве, Василичарите стануваат “ритуални воини” во борбата на доброто против злото. Периодов помеѓу Божик и Богојавление, во традиционалните македонски верувања е одбележан како вистинско глуво доба во годината, а “некрстените денови” помеѓу овие два празника, како врв на зимските ноќи во кои злите сили заради неактивноста на населението во овој период, стануваат посилни. Затоа на Василица, Василичарите ја имаат таа ритуална улога-да ги избркаат злите и лоши духови. Некогаш маскирани како нив, како нивна инкарнација, а во понови времиња маскирани како ликови, најмногу од актуелниот Тв карневал што нè снаоѓа катаден. Погодувате! Доминираат ликовите на политичарите. Еднаш годишно, народот ги прифаќа и зема маските од политичарите, за да се бори против злите духови-продуцирани најчесто од политиката. Травестијата со маските е ритуална, паѓаат маските на политичарите, а народот вооружен со нив, се бори токму против злите сили продуцирани од нив. Симболика за еден ден.
А веќе следниот ден, истата травестија од 33 принципи и вредности. Се изнагледавме последниве три години на карикатури и пародии, полоши и од најлошиот оригинал. И травестии од промени и размени на улоги, кои деновиве и надвор од карневалскит обреди, најсериозно ни се случуваат. Како травестијата со лустрираните и отштетите што ќе ги бараат утре, травестија каква Европа досега не видела. Ова е “најнова идеја во Европа”, кодошите од еден друг систем, да бараат отштета во друг систем, поради нивното обелоденување. Или травестијата се подигрува со историјата, па станува збор за еден единствен, само прерушен во ново руво систем. А, допрва до предвремените избори во април, ќе ги имаме сите можни травестии. На Тв-карневалите ќе дефилираат довчерашни десни, кои одеднаш станале леви, ќе сведочиме како левите стануваат десни, зелените црвени, а црвените зелени. Травестии се изнагледавме и деновиве. Инаку, арогантни и нескромни ликови- министри, кои обично ниту на живо се смеат, ниту над државата што ја распаднаа плачат, одговараат на 30 однапред зададени прашања (патем поставени од нивниот партиски потпретседател). Травестија, во која треба да ни биде доловена и нивна човечка димензија (со надената нова маска на лицето), покрај професионалната-од која, “процветавме”. И патем, каде во овој Тв карневал од прашања, државата и партијата се одвоиле?
А според 33 принципи и правила, по другите, оние опонентите, удри на најјако! Исмевај ги, етикетираај ги, продуцирај омраза, а ако и тоа слабо поминува-стигматизирај! Ма, ако треба здраво стигматизирај, по верска, национална, етничка, родова, карактерна или физичка карактеристика, фрлај секаква можна стигма. Лудилото од 33 принципи на владеење, го доживува својот климакс. Или само ни најавува, цунами од црнила и оцрнувања, кои се импрегнирани во кодот на владеење на таквата структура на владеење. Посебно кога ги губат и им бегаат лостовите на власта. Власта која во мноштвото маски, за жал не се препозна во обичен човеков и човечен лик, од народот.
(Секоја сличност со ликот 33 во овие 33 принципи, е случајна. Карневалски, случајна.)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.