М-р Нермин Теловска

Потребата да се зголеми јавната свест за пелтечењето, произлегува од неговата комплексна природа и можните бројни последици врз различните аспекти на животот на лицата со пелтечење. Кај лицата кај кои пелтечењето трае со години, тоа, од нарушување на течноста на говорот, прераснува во сериозна состојба со висок степен на ризик за појава на социјална фобија и социјална анксиозност.

Суштината на проблемите кои се јавуваат со пелтечењето се огледаат во неговата интерференција со:
• Ефективните активности (дома, на училиште, на работното место, социјалниот живот);
• Квалитетот на животот;
• Реакцијата на луѓето;
• Релациите со домашните, пријателите, роднините, соучениците;
• Самодовербата, ентузијазмот за живот, животната енергија, чувството за здравјето и сигурноста.

Според клиничкото искуство и научно истражувачката литература, пелтечењето е причина за појава на негативни емоционални реакции кај децата уште на четири годишна возраст. Кај децата на училишна возраст освен, срамот, чувството на вина и страв од говор, се јавува промена и во однесувањето на детето, избегнување на говорните ситуации, како што се, одговарање на прашања за време на час и во интеракцијата со нивните врсници и се намалува самодовербата. Возрасните лица со пелтечење имаат сигнификантно зголемен ризик за појава на социјалната фобија, при што се доживува екстремна и интензивна антиципаторна анксиозност, па така, комуникацијата не само што е нарушена, туку може да дојде и до нејзино избегнување.

Поради можноста пелтечењето подолго да трае и да доведе до вакви тешки последици, потребно е на време да се превземат одредени мерки.

Третманот на пелтечењето е комплексен процес и бара холистички пристап. За да биде успешен, третманот се фокусира на релацијата помеѓу мислите, чувствата и однесувањето на лицата со пелтечење, па така освен на подобрувањето на комуникациските вештини и менаџмент на течен говор, се спроведуваат и тераписките техники со кои психолошкиот стрес и несаканото однесување се третираат со менување на начинот на размислувањето и однесувањето на пациентот. Што значи, дека за логопедот кој го третира лицето кое пелтечи, важен момент е проценката не само на формата и траењето на самите моменти на пелтечењето туку, уште повеќе, како се чувствува лицето кое пелтечи, како себеси се доживува или кои се неговите ставови кон вербалната комуникација и како се однесува, за што е потребна посебна стручна подготовка и искуство.

И на крај, потребно е да се истакне огромното значење на поддршката која лицето кое пелтечи ја добива од семејството и непосредната околина, бидејќи секоја грижа кога ќе се сподели со блиските и саканите, станува многу помала.

Авторката на колумната е специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.