Блуза што го открива рамото, високи потпетици или мал свилен фустан ќе направат да се чувствувате посексапилно. Сепак, можеби е време да размислите за други методи.
1 ЗАВОДЛИВ POLE DANCE
Танцот околу метална прачка ослободува од инхибиции и стеги, враќајќи нè на нашата природна нежна внатрешна патека, тврдат експертите. Овој вид рекреација не е чист стриптиз (како што мислат многумина!), бидејќи целта е поврзување со сопствената сензуалност. Смислата на овие вежби е максимално да забавиме и целото внимание да го насочиме кон она што се случува во нас. Токму затоа во салата нема огледала, светлината е намалена, се вежба на погласна музика, а целта на целата приказна е да ја разбудиме потиснатата женственост, т.е. сексуалност. Жените се определуваат за танц околу прачка за да се ослободат од вишокот килограми, а само по неколку часа сфаќаат дека се секси токму такви какви што се. Токму тоа е и целта – да го прифатиме сопственото тело и да се чувствуваме задоволно и посакувано во сопствената кожа.
2 ВИБРАЦИИТЕ НА ГОНГ-БАЊАТА
Звучните патувања или звучни бањи, покрај преостанатите благодати, имаат поволно дејство и врз будењето и хармонизирањето на сексуалната, креативната и животната енергија. Гонг-терапија или терапија со звук е позната уште од далечно минато. Звукот дава поттик и иницијатива за враќање во хармонија, со гонгот како да се отклучуваат други димензии, сеќавања што ги носиме во себе, тајните на животот, на универзумот, креации. Тој е способен да ги ослободи заспаните потенцијали во нас, да нè потсети на огромната сила и да ги разбуди духовните способности. Вибрациите на гонгот можат да поттикнат длабоки сеќавања и импресии, но можат да нè внесат и во состојба на мир и на релаксација. Ритмичките звучни вибрации што ги произведуваат различни чинии или гонгот се пренесуваат на телото и претставуваат своевидна масажа. За време на таа масажа се создава атмосфера на сигурност, во која можеме да се опуштиме и да се ослободиме од стресот, тежината, грижите, сомнежите и другите негативни чувства. Повеќе информации побарајте на www.galacticgong.com.
3 МАГИЈАТА НА ТАНТРА-МАСАЖАТА
Кај нас овој поим честопати погрешно се поврзува со сексуалниот чин меѓу тантра-терапевтот и клиентката. Всушност, станува збор за вид тераписка масажа што е идеален за жените што имаат проблем со постигнување оргазам или кои воопшто го немаат доживеано. Сексуалната енергија е најсилна енергија во нашето тело и, како таква, добар слуга е, но злобен господар – кога е блокирана. Тантричката масажа подразбира познавање на енергетските канали на телото низ кои, според учењето на таоистичките филозофи, поминува животната енергија „ки“. Во оваа масажа, целото тело се масира со техники за релаксирање, со акцент на акупресурните точки и меридијани во регијата на ерогените зони. Пред самиот крај на масажата, ќе почувствувате прочистен оргазмичен бран, кој е исклучително силен, а различен од клиторалниот или вагиналниот. Доколку имате партнер расположен да ве следи во истражувањето на границите на вашата сексуалност, можете и заедно да исчекорите од вообичаеното поимање на сексуалноста – со помош на тантра за двојки. Исто така, се зголемува и бројот на курсеви по тантра за двојки на кои се учат техники на масажа со чија помош можеме да ја разгориме енергијата за водење љубов кај партнерот во нејзината исконска моќ, за да не се сведува на домашна задача, како што се случува понекогаш.
4 МОЌТА НА БАХОВИТЕ КАПКИ
Баховите капки се цветни есенции од билки, кои со својата вибрација остваруваат енергетско дејство врз емоциите и менталните состојби што се во нерамнотежа, а кои се одговорни за незадоволство со кој било аспект на животот. Системот содржи 38 цветни есенции, со кои се дејствува на сите состојби на нерамнотежа, кои терапевтот ги препознава во текот на разговорот, а врз чија основа се одредува индивидуална комбинација на капки. Без разлика дали недостигот од сексуална желба настанал како резултат на психички и физички умор, опсесивна потреба за контрола, неможност да се опуштиме, срамежливост, недостиг од самодоверба или сомневање во сопствената привлечност, со користење на Баховите капки се воспоставува нарушената рамнотежа. Тие се одлична поддршка во сите животни предизвици, вклучувајќи го и изразувањето на сексуалноста.
5 ДОПИРОТ НА РЕИКИ
Учителите по тибетско реики сметаат дека будењето на заспаната сексуалност е неопходно за да не бидеме фрустрирани. Сексуалноста е нашата природа, која не е промискуитетна, туку со стил – минималистичка однадвор, максимална однатре. Самото практикување реики подмладува, практичарите стануваат попривлечни, дамите почнуваат да добиваат комплименти, а мажите стануваат помажествени. Гледани однадвор, изгледаат како да се вљубени. Принципот е едноставен – сексуалноста кај луѓето лежи во првите две чакри. Првата се наоѓа на дното на трупот, кај половите органи, а втората е три прста под папокот. Првата и втората чакра се задолжени за способноста за репродукција, за личната сексуалност и за тоа колку се доживуваме привлечно. Треба да се има на ум дека постои голема разлика меѓу заводлива и привлечна личност. Заводливата личност честопати се чувствува несигурно и затоа се труди да добие признание, свртувајќи им го вниманието на другите кон својата надворешност, додека, пак, привлечната личност се почитува себеси како личност, сака да си го негува телото, а својата сензуалност ја доживува како сосема природна. Понекогаш среќаваме дотерани жени што изгледаат „празно“, како и мажи што импонираат со својата надворешност но немаат енергија. Со реики, уште на самата едукација, се отстрануваат блокадите на сите чакри, вклучувајќи ги и долните две. По терапијата, луѓето имаат многу поголем елан, се будат нивната сензуалност, привлечност, внатрешна убавина и посебност. Дознајте повеќе на www.nlpenergyhouse.com.
БУДЕЊЕ НА ХАРИЗМАТА
Оваа техника ни овозможува да направиме чекор понапред кога станува збор за сексуалноста. Се пренесува само на луѓе што се подготвени за духовен раст и развој, советуваат експертите. Тргнувајќи од размислувањето дека телото се обновува во седум различни чекори – лимфа, крв, мускули, масно ткиво, коскено ткиво, коскена срцевина и нервни клетки, учителите ја истакнуваат седмата фаза, која е есенција на нашето тело, а тоа се сперматозоиди, јајце-клетки и семена течност. Со чести сексуални односи и оргазми, луѓето ја формираат својата есенција. Основната намена на оргазмот е најава за можно зачнување нов живот, а доколку зачнувањето не е цел, туку станува збор за уживање во оргазмот како кулминација на сексуалниот однос, може да дојде до претерано физичко и енергетско празнење. Токму тоа е причината поради која спортистите одат во карантин пред натпреварите, а домашните мачори слабеат за време на сезоната на парење и изгледаат истоштено. Поентата на техниката „будење на харизмата“ е да водиме љубов и да уживаме – во сопствената и во партнеровата сексуалност, но непосредно пред оргазмот, да го запреме сексуалниот чин, а енергијата што се акумулира во ципите да ја распрскаме насекаде низ телото. Во тој случај, оргазмичната состојба го обзема целото тело и се чувствува до половина час. По таквиот однос, се чувствуваме полни со енергија, одморено, прочистено и расположено, а внатрешните експлозии на страста и харизмата се видливи и за другите околу нас. На овој начин, телото не се троши, а енергијата и харизмата се зајакнуваат. Инфо: www.vedarvedski.com
6 МОЌНИОТ АЛАТ НА КУНДАЛИНИ-ЈОГАТА
Кундалини-јогата го стимулира протокот на енергија во организмот и се темели на работа со чакрите, нимбото и со аурата, како осма чакра. Принципот е едноставен – или вие управувате со својата енергија или таа управува со вас. Оваа моќна техника, покрај преостанатите бенефиции, може да помогне и во сфаќање на сопствената сексуалност. Прво мора да научиме да се прифатиме себеси и дури потоа да работиме на подобрување на односот со партнерот. Затвореноста на втората чакра укажува на отсуство на свесноста за сопствената сексуалност или за извртен однос кон неа. Љубовта е клучот на среќата, а водењето љубов не треба да претставува само физички акт туку и духовно искуство што ги открива тајните на срцето. Ако се вклучени сите чувства и кога постои доверба, тогаш може да се почувствува единството во двојка. Кога ќе ги урамнотежиме чакрите со специјални техники, тогаш преминуваме на т.н. крии на Венера, кои прават рамнотежа меѓу машката и женската енергија. Криите на Венера не се прават за сексуално возбудување на партнерот, туку за подигање на нивото на машко-женскиот поларитет на ниво на чисти и високи вибрации.
7 МИСЛЕЊЕ НА СЕКСОЛОГ:
Многу е важно сексуалноста да се согледа од медицински агол. Пред сè, треба да се има предвид дека сексуалноста меѓу мажот и жената не е само во сексуалниот чин туку и во нивниот разговор, како и во севкупното заемно доживување пред, за време и по сексот. Ерогените зони се активираат преку слухот, погледот и мирисот. Соодветни зборови, убава музика, вкусна вечера се стари добри трикови на кои паѓаат сите. Но денес сè помалку се практикуваат, па затоа и се зголемува бројот на проблемите со сексуалноста. Кога станува збор за „запустена“ сексуалност, најделотворен медицински метод е психотерапијата, самостојна или во двојка. Ослободувајќи се од сите предрасуди што постојат во нашата средина, партнерите прво треба да признаат дека се сексуално нереализирани и да побараат стручна помош.
Преземено од Убавина и Здравје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.