Шефот на СДСМ Зоран Заев ги корегираше дијагнозите на лекарите кои утврдија КОВИД-19 кај директорката на клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска. Според Заев, не е можно директорката поставена од СДСМ да има коронавирус, бидејќи тие блескаат.

Вчера се создаде така една фама да кажам… или слично, дека има корона вирус кај директорката на клиника во Скопје, но сакам да ве уверам, гарантирам нема коронавирус бидејќи не е можно да има!, рече Заев.

Тој својот оптимизам го темели на, како што рече, убедливите аргументи кои ги видел во рекламните спотови на СДСМ, особено синоќа на конвенцијата.

Што да кажам повеќе, сè беше кажано. На спотовите видов дека сме направиле 780 километри пат, дека 500 евра плата има, 100.000 плата за лекарите, бесплатно здравство… епа ќе се сложите дека не е можно да има корона кога вака добро ни оди на секое поле. Едноставно не е можно, логика треба да се употреби. Ние блескаме и ќе продолжиме да блескаме, вели Заев.

Според екс-премиерот, од слики се гледа дека директорката Билјановска е добро, а дијагнозата за корона ја препиша на неспособните и љубоморни лекари.

Она што го видов на слики на фејсбук, профилни, слики од одмор или слично, директорката Цаца изгледа добро и нема температура што може секој да го утврди ако отвори нејзина слика и и’ го допре челото. Според тоа мислам дека виновни се некакви си квази лекари, вмровци сигурно, љубоморни дека блескаме…. кои не можеле да успеат во една Германија, па затоа ние тука мораме да ги трпиме си вакви лажни дијагнози да носат хистерија кај народот… или слично, рече Заев.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.