Владата на вонредна седница одржана утринава донесе одлука на парламентот да му предложи промена на националната химна на Република Македонија, со цел да се избере химна која нема да ги доведува во забуна и непријатност изведувачите и слушателите на разни настани.

Според владата, идеално решение е денешната химна да се замени со верзија на химната на СФРЈ – Хеј Словени, која би се викала Хеј Северни што впрочем би бил и единствениот текст во химната. Нема да има други строфи, туку ќе се пее со мумлање.

Сакавме да имаме рационална и традиционална химна, па затоа се одлучивме за верзија на Хеј Словени. Имено, новата химна ќе се вика Хеј Северни и текстот ќе оди вака:

„Хеј Северни,
мммм мммм мммммм
хмммм мхмммм хмммм мммм….“

И тука ќе престане. Со тоа ќе имаме кратка, јасна и ефективна химна на која нема да се губи премногу време при интонитањето, а има и лесен текст кој сите ќе го знаат, стои во соопштението од владата.

Засега нема информации кога овој предлог на владата би се нашол на дневниот ред на Собранието, меѓутоа неофицијално на седницата се очекува да биде поканет и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој свечено ќе стане прв при интонирање на новата химна.

Социјал-демократската младина на Македонија предложи официјалната верзија на химната да ја испее и сними големиот лидер, Зоран Заев и истата да биде задолжителна прва лекција на сите основци на првиот час на први септември.

Неофицијално дознаваме дека премиерот забрзано го учи текстот, при што веќе го совладал првиот стих, но со мали потешкотии му одело мумлањето, односно вметнувал свои зборови какви што не се забележани во светската литература, сакајќи да ја направи химната уште повпечатлива и пооригинална. Исто така Заев инсистирал тој лично да ја напише и англиската верзија на химната која би се изведувала секогаш кога странска делегација ќе дојде во Македонија – за да може да разберат за што мумламе.

За таа цел Заев размислува да го преземе раководењето со Институтот за македонски јазик Блаже Конески и катедрата по англиски јазик при филолошкиот факултет во Скопје.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.