Радмила Шекеринска и Петре Шилегов испратија заедничко соопштение од Маврово во кое истакнуваат дека поминуваат низ многу тежок период во викенд-карантинот.
„Поздрав наши сограѓани Скопјани. Ви се обраќаме заеднички од далечното, ладно и пусто Маврово со цел да ја истакнеме нашата голгота и мрачно расположение во овие моменти додека сме одвоени од нашиот народ, од луѓето кои ги сакаме повеќе од се на светот“, се вели на почетокот на соопштението. Остатокот ви го пренесуваме интегрално.
„Црната судбина сакаше да се најдеме на ова место, во скапо платени куќи кои ни се како туѓи, во огромни дворови кои ни се премали без вас, со скари, печења и салати на кои вкусот не може да им го почувствуваме. Музика која трешти, но на која не може да и се израдуваме.
Ден по ден, час по час, ни недостига Скопје и неговиот урбан дух, кој и во строг карантин е сеприсутен и може да се почувствува буквално од секоја тераса на која слободно може да си поседите. Делови од тој скопски воздух како да допираат и тука, додека седиме по дворовите и прават да ни е уште потешко и уште повеќе да ни недостига Скопје.
Ви ја праќаме оваа порака со надеж дека ќе имате разбирање за нашата тегоба, тага и мрак, па кога ќе не видите од утре по скопските улици или во вашите населби, срдечно да не’ поздравите. Од тука, од Маврово, од овие хациенди во кои недостига скопската душа, го сфаќаме Миладинов како му било во Москва кога ја пишувал Т’га за Југ. Па по тој повод би сакале со вас, ние, вашите Рада и Петре, да споделиме неколку стихови кои ги напишавме за нашето мило Скопје и за вас, наши сакани сограѓани.
МУКА ЗА ЈУГ
Орелски крилја како да си метнеме
и во златно Скопје да си прелетнеме
у наши локали ние да идеме
кафе да пиеме, урбани да бидеме,
да видиме дали кафето и таму
горко ќе ни биде, ко и ваму.
Ако пак Мавровско кафе ни иде,
ако пак горко кафето биде,
на пат далечен ние ќе тргнеме
и на Грчко море од радост ќе се мрднеме
но пред тоа полициски час за сите ќе прогласиме
за опасната корона за вас да ја угасиме.
Овде навечер е ладно и мора да вклучиме
електрично парно или со клими да бучиме
садови од гозби во машина да ставиме
и џабе виски да пиеме, без многу да славиме.
Околу комшии љубоморни темни,
а в рака скапо виски и апетисани спремни.
Не, ние не може овде да седиме,
не можеме повеќе сало да редиме,
дајте ни остров и јахти бесни
да заминеме од мавровски дворови тесни
по светски летувалишта да си газиме
слободно да се радуваме, без да си пазиме.
В Монте Карло зората греит душата,
и Петре паѓа под на Рада крушата,
таму нема на овој свет сила
која од луксузирање ќе ја спречи Рада мила.
Жолта лице на Петре му белеит,
а тој си на ветре нежно мекнеит
софра погледниш, бриош, сланина,
сегде Божева је хубавина.
Таму цел живот ние да си свиркаме,
вие да не се грижите, да продолжите да мижите.
Со љубов, Петре и Рада.
п.с. Ве молиме не се грижете премногу за нас, иако знаеме дека тоа е невозможно. Ќе издржиме. Ќе го издржиме и ова зло, само за вас, за нашиот народ. Сме се жртвувале досега, но секоја ваква жртва е мала кога е за ваше добро.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.