По информациите на многу објективни медиуми дека единиците на ЕБР интервенирале во локал во Дебар Маало со цел да проверат дали има гости во ентериерот на одреден угостителски објект, претседателот Стево Пендаровски реши да прогласи воена состојба на територијата на Дебар Маало.
Ваквата одлука на Пендаровски доаѓа откако во храбра акција на Единиците за брзо распоредување (ЕБР) против тројца келнери од угостителски објект раководителите со акцијата Примислав Димовски од Алфа единицата и директорот на БЈБ Сашо Тасевски пријавиле дека им треба дополнителна поддршка во оваа акција бидејќи се работи за акција од национален интерес, а самите не може да ги совладаат тројцата келнери.
Според информации директно од терен командантот на Алфите Примислав Димовски не можел сам да ги совлада келнерите бидејќи биле вооружени со тефтер и пенкало, а според Димовски со пенкало еднаш се урнал режим па веднаш помислил дека и во овој случај се работи за антидржавни сили кои се наоѓаат пред угостителскиот објект, по што побарал дополнителна помош.
Во тие моменти, по навика, првиот човек на БЈБ Тасевски веднаш посегнал по својот пиштол и предложил да пука доколку тројцата келнери не се предадат и мирно да им ја отстапат кафаната на силите на државата кои жестоко и храбро се впуштија во оваа голема операција од национален интерес.
Очевидци сведочат дека додека специјалните сили работеле на совладување на тројцата келнери, од страна стоеле дилерите на дрога и оружје од Арачиново и Грчец кои се восхитувале на храброста на Димовски, Тасевски и нивниот врховен командант Заев.
Со посебен фејсбук статус за оваа акција честитки упатија и сите бандити кои во знак на солидарност одлучиле додека трае акцијата да не го пљачкаат народот, бидејќи биле трогнати од храброста, посветеноста и одлучноста на силите на власта.
Но, главната поддршка на оваа акција доаѓа од вилата Водно. Имено, дознаваме дека претседателот Пендаровски решил да се вклучи директно во оваа голема операција за воспоставување на редот во татковината и за таа цел ја подготвува војската која ќе излезе на улиците на Дебар Маало со цел да го воспостави редот и мирот кои се неопходни за сузбивање на корона вирусот во кластерот СДСМ.
Нашите извори велат дека поради одлучноста на силите на ЕБР еден келнер по долго размислување сепак се предал, но преостанатите двајца остануваат преголем залак за силите на Примислав и Тасевски, па било неопходно да интервернира и војската.
Се очекува вечерва Пендаровски да побара и одржување на Совет за безбедност на Обединети нации по повод оваа состојба во Дебар Маало.
Според информации од неговиот кабинет, во кој случајно се затекнал градоначалникот Шилегов, „нема кафана која ќе остане неосвоена“ кога се работи за безбедноста на државата.
Нашите репортери од терен сведочат дека граѓаните на Арачиново и Грчец се силно вознемирени и нема да спијат мирно се додека не знаат дека државата со сета своја сила се посветила да влезе со полиција и војска во угостителски објект во Дебар Маало во кој наводно едно сомнително лице извршило дејство „терористичко загрозување на чинија со салата“.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.