Исечените дрва на ул. „Орце Николов“ во скопската населба Дебар маало самите побарале да бидат исечени, кога сфатиле дека немаат корен, соопштуваат од Општина Центар.

Ова сознаније за себе дрвата го стекнале при реконструкцијата на улицата, после што веднаш побарале да им биде прекратен животот.

Добивме и-мејл од група дрва кои увидувајќи дека се без корен, при отстранување на асфалтот од улицата Орце Николов, сфатиле дека не им вреди животот и побараа да бидат веднаш исечени, без одложување, велат од општина Центар.

Од таму додаваат и дека некои од дрвата, сфаќајќи дека се без корен, испиле отров од мака и изгнијале од внатре, односно извршиле самоубиство.

Така што нивното сечење беше чин на хуманост, исполнување на нивната последна желба, откако ја изгубија волјата за живот и причината за своето постоење, додаваат општинарите.

На сечата на дрвата изреагираа од бугарското Министерство за надворешни работи тврдејќи дека треба мешовита комисија да испита дали навистина дрвата биле без корен, дали можеби имале бугарски корен.

Сè до расветлувањето на корените на дрвата исечени индикативно од г-дин Богдановиќ, ветото за почеток на преговори на Македонија со ЕУ ќе остане на сила, велат од бугарското МНР.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.