Новиот шеф на пи-арот во СДСМ Коста Петров оствари средба со ѕвездата на „Медена Земја“, познатата Атиџе, на која и подари копија од неговата книга „Се гледаме на врвот“, книгата која, како што кажува Петров, може да ѝ помогне на Атиџе во животот да работи нешто конкретно за повеќе пари, а не да одгледува пчели и да живее во беда и сиромаштија.

Само десет минути откако Атиџе ја доби книгата, Петров најави дека градоначалникот на Лозово, ако Атиџе добие „Оскар“, ќе ја вработи како хигиеничарка, што според Петров е првиот ефект од неговата книга, и тоа само по 10 минути откако ѝ ја подари на Атиџе.

Ете, се гледа ефектот на мојата книга. Само 10 минути ја држеше во раце и веднаш дојде понудата за работа. Ова е на ниво на чудо! Јас сум месија!, довика Петров.

Веднаш потоа беше свикана прес-конференција за да се соопшти големото чудо, а на истата Петров потенцираше дека и номинирани за „Оскар“ ја поседуваат неговата книга и не може да се негира дека ако земат Оскар, тоа ќе е бидејќи се амбицирале да стигнат на врвот за да се видат таму со Коста Петров.

Атиџе и филмската екипа на време добија копија од мојата книга „Се гледаме на врвот“. Оскарите се за 20 дена, имаат доволно време да ја прочитаат неколку пати и да му помогнат на Универзумот за да им помогне нив и да ги награди со „Оскар“ бидеќи ја прочитале мојата книга, додаде Петров.

Покрај книгата Петров на скромната Атиџе ѝ врачи и ваучер од 100 денари со кој Атиџе може да си ја купи сликата со него за да ѝ се најде како амајлија, чекајќи ги Оскарите и поважно – вработувањето како хигиеничар во општина Лозово, која е позната како општина која се однесува феноменално со вработените жени.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.