Бесправно изградениот објект пред т.ц. Мавровка во Скопје, кој после повеќемесечни перипетии конечно денес започна да се урива, е овогодинешниот добитник на наградата „Нефи Усеини“ за најуспешни дивоградби во Македонија.

Оваа ласкава титула објектот пред Мавровка ја добива поради „жестокиот отпор на овој објект пред олошите кои го заговараа уривањето на прекрасната дивоградба и убавото беззаконие“, стои во одлуката на жирито составено од Нефи Усеини и неговиот брат.
„Овој објект беше доказ дека во оваа земја многу лесно се функционира ако имаш пиштол и немаш мозок. Не си спречуван од лоши закони, глупави такси и давачки, почитување на некаков си ред. Едноставно се е полесно. Како во времето на дивиот запад кога законот беше во рацете на најбрзиот и најпрецизниот револвераш. Објектот пред Мавровка се до неговото рушење кое е политички циркуз како симбол на божемското работење на оваа влада беше токму симбол на старите добри времиња на дивиот запад, против редот и поредокот кој го наметнуваат новите времиња и законите со кои се попречува напредокот на перспективни индивидуи во општеството, на вистинските визионери кои ја движат земјата напред со силни чекори“, велат од жирито.

Наградата „Нефи Усеини“ се доделува за најдобрите дивоградби во Македонија, а е така наречена поради големиот градител од Охрид кој и да направи дивоградби некаде во градот под Самоиловата тврдина, знае како да ги припитоми и никој да не му ги руши.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.