Наместо молба за помилување, борба во која ќе ја докаже својата невиност за обвинението за кое му се суди. Оперскиот пејач и еден од предводниците на „Заедничка Македонија“, Игор Дурловски, соопшти дека одлучил да го понесе ризикот, но е убеден дека е важно да се бори храбро и доследно за своите принципи и за правда.
Реакцијата на Дурловски доаѓа како одговор на пишувањата на некои медиуми дека барање за амнестија поднеле двајца од водачите на „За заедничка Македонија“ – Игор Дурловски и Борис Дамовски.
Почитувани, наместо молба за помилување, ја споделувам со Вас мојата одлука да продолжам со борбата за докажување на мојата невиност за обвинението за кое ми се суди.
Секоја борба носи свој ризик, а со оваа постапка го ставам на ризик и мојот и животот на моите најмили, но, убеден сум дека ме разбираат зошто ова е важно, да се бориме за своите принципи, за правда, доследно и храбро.
Се надевам дека со оваа одлука ќе ѝ ја одземам можноста на политиката да се постави над правичноста и судството. Во свое име и во име на моите пријатели од „Заедничка Македонија“ и на илјадниците чесни и мирољубиви граѓани кои ги исполнуваа улиците со љубов кон татковината.
Ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и понатамошни интриги со криење позади превезот на Вашето политичко „помирување“. Вистинско помирување може да постигнеме само со правда, чест и морал.
Останувам со чисто срце со љубов кон татковината, верба во Бога и надеж за подобра иднина за сите нас.
Да живее Македонија
Денеска истекува рокот за поднесување барања за амнестија за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Заклучно со вчерашниот ден до Кривичниот суд во Скопје се пристигнати вкупно 38 барања за амнестија од обвинетите во неколкуте случаи кои се однесуваат за настаните од „27 април“, потврдија за МИА од Судот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.